Македонскиот национален тим го бележи најслабиот пад во последните две децении откако стана членка на ФИФА и со клизањето од дури 36 места сега се наоѓа на 112 позиција на ранг листата.
Ова рангирање се должи на лошиот старт на нашите фудбалери во новиот квалификациски циклус за ЕУРО 2016, кој го започнаа со петарда од Шпанија на стадионот Местаља на 8 септември.
Сега Македонија е осма најслаба репрезентација во Европа и е само 15 места подобра од аматерите од Луксембург со кои го играме вториот квалификациски меч идниот месец.
Од останатите противници од нашата група Шпанија се наоѓа на 8-та позиција, Украина е 24-та, Словачка 40-та и Белорусија на 89. место.
На врвот и натаму е Светскиот шампион Германија, пред Аргентина, Колумбија, Холандија и Белгија. Во топ 10 потоа следуваат Бразил, Уругвај, Шпанија, Франција и Швајцарија.
Последното најслабо рангирање го имавме во 1994 година кога неколку месеци по приемот во ФИФА бевме на 117 позиција.