Интелигентниот Озил бил вешт шахист

Ова не значи дека фудбалот му била втора љубов, туку напротив тој си легнувал со топката во кревет, а во школските денови играл одлично шах. Го бивало и за математика, а денеска знае одлично да ги дума потезите на терен и е еден од најдобрите плејмејкери.

Го нарекуваат „Крал на асистенциите" затоа што во последните неколку години е предводник по бројот на асистенции во Европа, а тоа секако се должи на талентот и "играта со мозок". Брзите и вистинските одлуки со топката на теренот неговиот наставник од детството вели дека се плод на неговата интелигенција која ја имал и во шахот.

„Имавме шаховски клуб во нашето училиште, а Озил на возраста помеѓу 11 и 16 години беше доста добар шахист кој размислуваше многу логично правејќи разни стратегии. Беше заинтересиран и за математика. Да има време мислам дека и сега може да биде мајстор на шаховската табла, како што е во фудбалот", раскажува Кристијан Краб.

Родителите на Мезут Озил се втората генерација на турски имигранти во Германија, а тој завршил во истото училиште во Гелзенкирхен каде одел и Маноел Нојер. Таму учеле и сегашните фудбалери на Шалке Хулиан Дракслер, Бенедик Хеведес и Јоел Матип. Фудбалот бил најважен спорт и се тренирало три пати неделно.

„Кога го видов Озил за прв пат морав да му ја проверем возраста. Беше толку паметен што мислев дека е постар од другите барем две години. Кога ќе се појавеше на терен, прикажуваше фантастични вештини", вели неговиот наставник.

За разлика од неговиот брат кој играл за локален турски клуб, татко му го запишал Озил во Вестфалија Гелзеркирхен на седум годишна возраст, а го претставил како голем талент кој ќе стане еден од најдобрите светски играчи.

„Беше низок и слаб, но шутираше од 25 метри, трчаше брзо и влегуваше во секоја акција со топката. Се сеќавам дека еднаш победивме 12:0, а тој даде 10 гола. Тренерот од другиот клуб ми рече, наредниот пат не го носи детено, остави го дома", се сеќава неговиот прв фудбалски стратег.

По три години калење сменил уште два младински клубови каде тренирал по една година, а на 12 години заминал во Ројс Вејс Есен каде останал пет години. Тренер му бил Андреас Винклер кој во сезоната 1990/1991 бил член на Баерн Минхен под водство на Јуп Хејнкес.

Зад секој чекор на Озил стоел татко му Мустафа кој верувал во него и го следел на сите тренинзи и натпревари, а пред две години му стана и негов менаџер, функција која од пред еден месец сега ја врши братот на Озил.

„Се сеќавам дека беше премногу слаб и шефот на нашиот клуб не гледаше потенцијал во него. На моменти немавме баш оптимизам за неговата иднина, но потоа се покажа обратното. Инаку беше премногу срамежлив и не кажуваше ниту збор. Единствено побара нови патики Најк, а јас веднаш му ги купив. За возврат од татко му добив цела торба со турски специјалитети", вели Винклер.

Од неговата училница во школо се гледалата „Велтинс" арената каде настапува германскиот гигант Шалке 04. Токму тој клуб беше неговиот последен младински и прв сениорски тим во кариерата, од каде потоа се вивна неговата кариера.

8 ноември 2013 - 13:51