
Во пребогатата кариера освои 2 пехари во Лига на шампиони, 2 шампионски пехари во шпанска Ла Лига, 1 во Копа дел Реј, 3 во португалски Лига Куп, 1 во шпански Суперкуп, 1 во УЕФА Супер Куп, 2 во Светско клупско првенство.
Зборуваме за Фабио Коентрао, 33-годишниот лев бек кој во јануари 2020-та година ненадејно ја прекина кариерата и реши да се прости со фудбалот. Играше за Рио Аве, Бенфика, Насионал, Сарагоса, Реал Мадрид, Монако и Спортинг. Кариерата ја заврши онаму каде што ја почна, во матичниот Рио Аве.
За репрезентацијта на Португалија запиша 52 настапи, постигна 5 гола но поради малерозна повреда на тренинг во Монако го пропушти златното Европско првенство 2016 кога Роналдо и другарите стигнаа до трофејот.
И за разлика од многу негови колеги фудбалери кои не знаат кога да кажат доста и кои после активните кариери продолжуваат како тренери, како менаџери или како стручни консултанти, Фабио Коентрао се решава да заплива во едни други води. Буквално во води.
Тој е роден во Вила до Конде, место на помалку од 30 километри северно од Порто. Тој уште од мал имал две големи страсти: фудбалот и риболовот. Страсти кои ќе го следат цел живот.
Преку првата го оствари најголемиот животен сон: да игра за големиот Реал Мадрид со кој потпиша договор во 2011-та вреден 30 милиони евра! На „Сантијаго Бернабеу“ дојде од Бенфика.
Неговиот потпис со Реал Мадрид му овозможил да ја негува и другата голема страст. Сега кога веќе е повлечен од фудбалот како уште млад, на 33 години, неговиот живот целосно е сменет. Нема веќе карантини, хотели, гостувања и безбројни натпревари.
Сега Коентрао е сопственик на рибарско бродче во Португалија и вели дека со првата плата од Реал Мадрид си го купил својот прв рибарски брод.
Коентрао за неговото фудбалско трофејно минато и својот нов живот на море зборувал во интервју за португалскиот дигитален тв канал Empower Brand Channel.
Повлечен меѓу стотина други рибарски чамци и бродови кои неуморно од ноќ до ноќ се занимаваат со риболов и ја развиваат оваа гранка, далеку од луксузните светла на фудбалот, Коентрао вели дека најмногу од се на светот сакал да се врати на своите корени и традицијата која потекнува од неговиот татко рибар.
„Луѓето кои сакаат море и кои сакаат да го доживеат морето, мора да ја следат својата желба, својот сон. Тоа е нова работа за новата генерација. Живот на море не е срамотен како што многумина мислат. Тоа е работа како и која било друга. И не само тоа, морето е преубаво и ни треба, мора да има луѓе кои овде ќе работат. Тие луѓе мора да се ценат како и секоја друга професија“, искрено вели некогашниот топ лев бек на Реал Мадрид.
Тој самиот ужива во риболовот и рибниот туризам:
„Овде доаѓам од раѓање. Татко ми имаше чамец, беше во рибарскиот сектор и многу често одев со него, го сакав тоа. Кога имав време или бев на одмор, доаѓав овде секогаш кога можев. Мојот живот беше морето: море и риболов. Секако, знаев дека еден ден ќе прекинам со фудбалот и дека ќе треба да тргнам во нов правец од животот. Моја среќа се овој брод и овој живот кој сакам да го водам“, признава Фабио Коентрао кој со други риболовци лови и продава риба.