Поранешниот стандарден бек на Арсенал и репрезентацијата на Брег на Слонова Коска Емануел Ебуе ја открил својата тешка животна приказна откако го напушил фудбалот. Ебуе раскажал како завршил да спие на под и да ги мие алиштата на раце зошто не можел да си приушти веш машина.
Пред 11 години Емануел Ебуе беше дел од најголемиот натпревар во светскиот клупски фудбал. Играше во Париз против Меси, Самуел Ето, Чави, Иниеста во финале на Лига на шампиони.
За неговиот седумгодишен престој во Премиерлигата заработил милиони и милиони фунти од плата и бонуси. Возел луксузни коли и живеел лагоден живот. Сега, како сценарио за тажен филм, Ебуе ги минува деновите криејќи се од извршители, адвокати, лихвари. Се вози со градски превоз а често и нема што да облече.
„Сакам Бог да ми помогне. Само тој може да ми помогне да не мислам на тоа, вели Емануел Ебуе кој играше и за Галатасарај.
Својата тешка судбина Емануел ја раскажал за Sunday Mirror, а слични маки имале и многу други фудбалери кои еднаш ќе завршат со фудбалот и ќе решат да се повлечат.
34-годишниот Ебуе веќе не е способен да игра фудбал од здравствени причини, но остана култен херој на навивачите на Арсенал чиј грб го бранеше цели седум години. Во Лондон играше од 2004 до 2011 пред да заигра за Галатасарај (во Истанбул беше пет години), Лимасол и Сандерленд.
Го казнија една година поради тоа што не му исплатил долг од 1 милион евра на својот поранешен агент Себастијан Босо, а иако суспензијата му заврши тој не можел да продолжи со фудбалот. Тешко ја поднел смртта на дедо му Амаду Бертин којшто го израснал пред да му откријат рак, и неговиот другар од детството Н’Дри Серџ кој загинал во сообраќајка со мотор.
Нова олуја во неговиот живот била и загубата на домот. По разводот со неговата поранешна жена Орелие Бертран, тој морал да ѝ го препише нивниот дом во Енфилд (северен Лондон) а такво нешто наложил Судот во Англија. Таа сега живее во Белгија со децата.
„Немам пари да плаќам адвокат или бранител. Во домот сум и натаму но се плашам зошто не знам кое време полицијата ќе тропне на врата. Понекогаш гасам светла затоа што не сакам луѓето да знаат дека сум внатре. Ставам се зад вратата. Во мојот сопствен дом. Што се претрпев да си купам куќа и сега се плашам. Нема да ја продавам гардеробата и се што имам. Ќе се борам до крај затоа што не е фер“, вели Ебуе.
Самиот Ебуе тврди дека тој никогаш не се занимавал со банкарски сметки и трансакции и дека се контролирала жена му: „Што ќе ми кажеше јас потпишував. Во Турција заработив 8 милиони евра, од нив 7 оставив дома - на жената и децата. Би сакал другите млади деца од Африка да учат од мојот пример како не треба“, раскажал Ебуе.
Во исчекување на извршители и полиција, Ебуе престојува кај пријателка за коајшто вели дека му е „сестра“, Јазмин Разак, но кај неа спиел на подот за да не ги вознемирува нејзините деца. Најмногу од се вели дека го боли тоа што Божиќ нема да го прослави со своите деца - Клара (14), Маева (12) и синот Матис (9).
„Многу ме боли тоа. Имаа обичај да ми се јават, но сега немаме контакт. Многу ме повредува што сум сам без нив“, ја продолжува тажната сторија некогашниот десен бек на „Топџиите“ од Лондон.
Самиот Емануел вели дека кога гледа многу поранешни професионални фудбалери и колеги како работат како телевизиски коментатори како легендата Тиери Анри, тој се срами во која насока отишол неговиот живот.
„Кога го гледам Анри на телевизија среќен сум за него, но се срамам од мојата ситуација. Кога ги гледам моите пријатели со кои играв или против кои играв си викам: ’Требав уште да бидам таму’. Тешко е да се гледаат“, заклучува Ебуе кој се надева на помош од симпатизерите на Арсенал.
ХИВ
На крајот од септември годинава, Ебуе неочекувано се договорил со екипа од првенството на непризнатата Турска Република Северен Кипар. Месната федерација не е членка на ФИФА, но првенството се игра уште од 1955. гдина. Емануел потпишал договор со актуелниот шампион Турк Очаџи. Но договорот пропаднал поради тоа што паднал на медицински прегледи каде според непотврдени информации му пронашле ХИВ.
Неговиот менаџер не ја потврдил информацијата, но неговата кариера очигледно е готова.