Играј фудбал, биди јувентино

Иако не се сложуваме со сè што е напишано бидејќи е некако многу лично, сепак ќе ви пренесеме од збор до збор. Серија А се разбира дека не е само Јуве, но тоа е клуб кој е поим за апсолутна доминација. Со триумфот против Рома станаа рекордери во последните 11 сезони по број на бодови и тоа ги немаше една сезона во прва лига.

Не ги број европските трофеи на Милан, не листај што на Инстаграм има објавено капитенот на Интер, не дозволувај погледот да ти отиде накај главниот град, таму одамна нема шампиони, не гледај ниту кон југот, бидејќи освен жешки трибини на еден стадион во близина на вулканот, ништо не изгледа така грандиозно како тие 11 кои ја милуваат топката.

Фудбалот во Италија и не само во Италија – тоа е Јувентус. Тоа е уметност. Естетско доживување. Убавина. Тоа што буди најубави човечки емоции. Тоа е трансформација од гасеница во пеперутка. Тоа е математика во која сметката е секогаш точна. Тоа е хорски извежбана мелодија која лесно влегува во уво. Тоа е граматички дотеран, поетски дизајниран, интерпункциски среден есеј, напишан на јазик разбирлив за сите. Некој признава дека му се допаѓа, некој не.

Но секој мора да ги почитува тие две бои. Црна како израз на моќ и бела како впечаток на софистицираност. Токму таков, од една страна силен и мускулест, а од друга страна полиран и среден, Јувентус во саботата вечер ги потсети оние на кои им се допаѓа и оние кои го презираат, зошто веќе шеста година владее во Серија А. И тоа во натпревар кој пред да почне беше наречен дерби. Славеше типично во Јуве стил.

1:0

Можеше да се игра 4, 44, 444 минути, колку сакате судиско продолжение, но се знаеше, секој навивач на Јувентус беше спокоен бидејќи сè беше готово кога го даде Пипита. Привилегија која ја имаат навивачите на Јувентус. Никој не се чувствува така сигурно кога ќе поведе неговиот клуб, како луѓето во Торино, бидејќи него не му се случува да прими гол во судиско продолжение. Ајде потсетете се без пребарување на интернет, кога Јуве паднал во завршница на некој важен натпревар. Дури и Реал, Барса, Манчестер Јунајтед, па и Баерн, имаат колекција на такви примени голови во важни мечеви од кои можат колекција да направат. Но Старата дама не е во тоа друштво. Токму тие се екипа која и на една секунда до крај знаат да му ја украдат топката на противникот и да стигнат до целта (добро во последно време тоа често го прави и Рамос). Веројатно од таму и тој навивачки слоган:

„Fino alla fine“ (до крај)

Ако Реал воодушевува со златното правило „напред, напред и само напред, ќе им дадеме три, макар примиме два“, ако Барселона од времето на Јохан Кројф се трансформираше во тоталитарен фудбал“, ако Баерн е олицетворение за сила, а Манчестер од деновите со Фергусон машина за мелење место, тогаш Јувентус е сè во едно. Офанзивен, тактички елегантен, брз кога се напаѓа, бавен кога се чува топка и време и пред се за разлика од набројаните сигурен дека нема да прими гол.

Денес, утре, за век и векови, Амин за таквиот фудбал

Фудбал во кој прво се оди напред да се среди противникот по кратка постапка. Ништо да не се чека. Беше 1:0 во 14-та минута, а можеше да биде и 3:0. Фудбал во кој Миралем Пјаниќ игра со топката како сега да истрчал од дома по завршувањето на домашната. Фудбал во кој Гонзало Игуаин е егзекутор, а Марио Манџукиќ ловец на грешки. Фудбал во кој според Кедира, Маркизио и Стураро, онаа пеперутка што е настаната од гасеница не би можела да полета, а камоли некој од фудбалерите на Рома да помине. Најдете снимка од мечот и ќе видите како тие тројца кога ја немаат топката, толку вешто се движат да помислите дека се поврзани на рамностран триаголник, а кога топката е кај нив секој знае доволно да ја сокрие и да ја загради. Да ти е милина да ги гледаш.

Најголемата мистерија е како такви ги направи Масимилијано Алегри. Колку ли само погледи под око имаше кон него кога го наследи Антонио Конте. Коментари дека е губитник, дека нема фаца, држење и став да го води Јувентус. Иако Макс не доби туку така награда за најдобар тренер во Серија А кога го водеше Каљари, покрај Мурињо во 2009-та, ниту случајно освои Скудето со Милан, последниот владетел на Апенините пред петката на Јувентус.

Има човекот знаење, само треба да го остават да работи. Му заминаа Пирло, Тевез и Видал, тој ги засади Кедира и Манџукиќ и се појави нов трофеј. Му замина Погба, го побара Пјаниќ и му го донесоа. Му се повредува Бонучи, го измислува Ругани. Ете го детето игра добро, греота е да го тргнеш, но во големиот систем каков што е шампионот, се знае редот, па малиот ќе мора да оди на клупа кога сите ќе бидат здрави и да чека шанса. За останатите во одбрана и за неповторливиот Џиџи нема смисла повеќе да се троши тастатурата.

Значи напред, назад, во средина, на крило. На која страна и да погледнеш ќе видиш само квалитет кој плени како што порано беше со Баџо, Дел Пјеро, Зидан, Инѕаги, Недвен, Канаваро, Перуци, Ди Ливио, Ферара, Монтеро, Торичели...

Постарите се сеќаваат на Платини, Тардерли, Бонјек, Ѕоф...

А младите...Не тргнувај поглед накај југ, се што е потребно имаш тука.

Гледај фудбал – биди јувентино.

виа

23 декември 2016 - 16:02