Ко те Милан, тај те Интер

Фудбалери што играа и за Милан и за Интер

Од Џузепе Меаца до Марио Балотели, долга е листата на фудбалери што го носеле дресот и на двата милански клуба. Некои преоѓаа директно, а некои доаѓаа од друг клуб и освојуваа трофеи со двете екипи. Од 2001. година, Андреа Пирло е најголемата болка на Масимо Морати, но и на Адриано Галијани. Derby della Madonnina се игра во недела од 20:45.

РОНАЛДО Интер 1997-2002, Милан 2007-2008

Феноменот во Интер дојде од Барселона, во летото 1997-ма година. Во првата сезона во Интер, Бразилецот даде 25 голови, кои не беа доволни да се освои Скудетото, но даде гол во финалето на УЕФА купот против Лацио. Таа година Роналдо беше најзаслужен што Интер го освои купот на УЕФА по трет пат.

По неколку повреди и трансферот во Реал Мадрид, Рони се врати во Милано и потпиша со Милан во 2007. година. Истата сезона му даде гол на Интер во дербито, по што беше исвиркан од навивачите на нераѕурите.

КРИСТИЈАН ВИЕРИ Интер 1999-2005, Милан 2005-2006

Робусниот центарфор даде 103 голови во 6 сезони за Интер, но освои само еден трофеј и тоа Купот на Италија во сезоната 2004/2005.

Откако го раскина договорот со Масимо Морати, Виери во 2005-та потпиша две годишен договор со Милан. „Се надевам дека конечно ќе освојам нешто големо. Кога Милан ми чукна на вратата, веднаш ја прифатив понудата“, изјави Бобо Виери на промоцијата.

Сепак, ретко играше во првиот состав, не освои ништо и по 6 месеци отиде во Монако, а никогаш не крие дека Интер му е најомилен клуб.

АНДРЕА ПИРЛО Интер 1998-2001, Милан 2001-2011

Размената на играчи меѓу миланските ривали не е непозната низ историјата. Така пред две лета ги трампаа Антонио Касано и Џампаоло Пацини кој уште е во Милан. Најпознатата трампа на овие два клуба се случи пред 14 години. Тогаш Интер ги даде Кларенс Сидорф и Андреа Пирло, а во спротивна насока отидоа Андрес Џуљиелминиетро и Франческо Коко.

Од таа зделка далеку повеќе профитираше Милан, кој токму Сидорф и Пирло го однесоа до две титули во Лигата на шампионите.

„Продажбата на Пирло во Милан беше најголема грешка во мојата кариера претседател на Интер. Многу го сакав и криво ми е што си отиде“, изјави Масимо Морати.

ХЕРНАН КРЕСПО Интер 2002-03 и 2006-09, Милан 2004-05

Креспо можеби е најтрофејниот фудбалер што играл во црвено и сино црниот дрес. Неговите два гола во финалето за Милан против Ливерпул не беа доволни Милан да ја освои ЛШ во Истанбул.

„Тешко е да се заборави тој натпревар, но горд сум што бев дел од еден таков спектакл“, изјави Креспо подоцна. Аргентинецот беше позајмен во Милан од Челси, а во 2006-та година пак се врати во Интер, со кого освои три Скудета и Супер Куп на Италија пред потпише со Џенова.

ЗЛАТАН ИБРАХИМОВИЌ Интер 2006-2009, Милан 2010-2012

MR Scudetto, како го викаа Швеѓанецот во Италија, со Интер освои 3 титули по ред, по што замина во Барселона. Година дена подоцна, по конфликтот со Гвардиола се врати во Италија и потпиша со Милан. Ибра ги купи навивачите на Милан со голот од пенал во Derby della Madonninna и тоа на голот под Курва Суд каде стојат навивачите на Интер.

„Се обидоа на секаков начин да ме дефокусираат за да промашам, но знаев дека мора да им дадам гол“, изјави Златан после тоа дерби во сезоната кога освои титула и со Милан.