Хрватска пати поради неколку хулигани

Хрватите имаа 1:1 против Италија на Сан Сиро и шанси за победа, а нивните навивачи на два пати го прекинуваа квалификацискиот меч со фрлање бакљи на терен. По судирот со италијанската полиција, уапсени се 16 Хрвати.

Oколу 4.000 хрватски навивачи рано сабајле во неделата се упатиле кон Милано со 30 комбија, 10 автобуси и околу 400 автомобили. Уште од границата во Трст, полицијата и Хрватите го договориле текот на гостувањето. Преку ден во Милано немало никакви проблеми, но имаше вечерта на натпреварот.

По нередите во Белград поради дронот, казни од УЕФА добија Србија и Албанија, а по 4. квалификациско коло со суспензии се соочуваат и Хрватите. На вчерашниот дуел против Италија, Хрватска имаше 1:1 и напаѓаше за втор гол, но хулиганите во 75' минута направија прекин, откако фрлија повеќе пиротехнички средства на теренот.

Минатата среда, Хрватска играше пријателска средба против Аргентина, во која одлична партија пружија 7 фудбалери од  хрватската У-21 репрезентација. Хрватите пред прекинот со Италија имаа неколку шанси да поведат со 2:1, по што селекторот Нико Ковач изјави дека прекинот ги оладил неговите избраници.

„Што да се каже, ова не е случајно, а не е ни првпат. Се надевам дека одговорните ќе пронајдат решение. Го губиме нашиот углед во целиот свет, а Хрватите не се ваков народ. Им се извинив на Италијанците по натпреварот и пак ќе го сторам тоа. Ако некој сака да протестира против нешто, тоа нека го прави надвор од стадион", изјави хрватскиот селектор Нико Ковач, по натпреварот против Италија.

Хрватската јавност за директни виновници ги смета навивачите на Динамо Загреб, кои протестираат против Здравко Мамиќ, претседателот на клубот. Нивната борба е насочена и кон хрватскиот сојуз, за кого сметаат дека го штити Здравко Мамиќ.

Како што пренесуваат хрватските медиуми, хулиганите дивееле и по натпреварот, запалиле неколку автомобили и ограбиле неколку бутици во близина на стадионот. По реакција на италијанските специјалци, 16 Хрвати се уапсени и ќе бидат процесуирани пред судот во Милано.

„Добивме допис во кои се наведени имињата на 16 лица кои денес во 11 часот ќе бидат изведени пред судот во Милано. Десетици навивачи дојдоа со изнајмени автомобили, кои на крајот се целосно искршени. Ограбени се и неколку случајни минувачи“, изјавиле од хрватскиот конзулат во Милано.

По нерешените 1:1, Италија и Хрватска и понатаму се на првите 2 места во групата со по 10 бода. Трета е Норвешка со 7 бода.

17 ноември 2014 - 11:23