Хоакин испратен во пензија со најголемите ѕвезди, пред 60.000 гледачи

Во неделата вечер во последното коло од Ла Лига, Бетис ја пречека Валенсија и одиграа 1:1. Тоа беше последен меч за легендарниот капитен на зелено-белите за кого во понеделникот вечер била организирана уште една фантастична проштална средба со безброј фудбалски ѕвезди.

Легендарниот шпански фудбалер Хоакин (41) кој имаше блескава 23-годишна кариера и кој го израмни неверојатниот рекорд на голманот Андони Зубизарета со 622 меча во Ла Лига, на својот „Бенито Виљамарин“ собра 60.000 навивачи кои го пратија во пензија.

Прекрасната понеделничка вечер ја збогатиле ѕвезди како: Раул Гонзалес, Руд ван Нистелрој, Пепе Реина, Серхио Рамос, Роберто Карлос, Хавиер Савиола, Хесус Навас, селекторот Камачо, Мориентес, Гути, Санти Казорла, Икер Касиљас, Диего Тристан, Денилсон, Ектор Бељерин, Алберт Луке, Борха Валеро, Јулио Баптиста, Карлос Марчена, Капдевиља, Ангуло, Дани Себаљос, Еду, Капи, Кањас, Асунсао, Рубен Кастро и многу други.

Интересно, поканата со задоволство ја прифатил и долгогодишниот капитен на Севиља и речиси еднаква легенда како Хоакин, Хесус Навас со кого водеа големи битки на многу градски дербија низ деценииве.

Хоакин се обратил и до навивачите и до соигачите и до управата и во проштален говор им заблагодарил за сите прекрасни заеднички години. Тој постојано бил во солзи а најемотивен момент бил кога при напуштање на теренот ги гушнал сопругата и ќерките.

Легендите на Севиља, Рамос и Хесус Навас беа меѓу најважните гости на прошталната средба и добија аплауз од ривалските навивачи на Бетис:

7 јуни 2023 - 12:00