Спортската правда е задоволена. Рекордерот по број на настапи и голови за Македонија и донесе славје на оваа репрезентација, која заедно со Хрватска ќе го претставуваат регионот на ЕП кое поради пандемијата се пролонгираше за 11 јуни – 11 јули 2021.
Колку голем напредок забележа оваа селекција најдобро го покажува податокот што во март 2017 беа 166 место на ранг листата на ФИФА како најслаб пласман, а на рангирањето на 22 октомври се најде на 65-та позиција, пишува Ал Џезеира.
Во својата врвна клупска кариера, претежно изградена во Италија, Пандев играше за Беласица, Специја, Анкона, Лацио, Интер, Наполи, Галатасарај и Џенова, каде игра од 2015-та.
Родениот струмичанец остави најголем белег во Интер, каде освои пет трофеи во 2010 година: титула, Куп на Италија и Суперкуп, ЛШ и Светското клупско првенство. Купот на Италија го освои и со Лацио 2009 и уште два пати со Наполи 2012 и 2014 година. Тој е петкратен добитник на наградата за македонски фудбалер на годината.
„Кога беа познати групите на Лигата на нации, знаевме дека имаме шанса да се пласираме на ЕП. Бевме најдобри во првата сезона од Д лигата пред Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн. Тогаш не чекаше полуфиналниот дуел со Косово. Тие се солидна репрезентација, но ние игравме на домашен терен и не ја пропуштивме можноста да се пласираме во финалето со 2:1. И Господ нè награди затоа што игравме добро во континуитет последната година и постигнавме добри резултати. Момците веруваа во успех, како и селекторот Ангеловски, кој заврши одлична работа за пет години. Игравме фантастично во Грузија и во второто полувреме требаше да постигнеме уште голови“, вели Пандев.
По пласманот во Ц лигата и обезбедениот плејоф, следуваа квалификации, а избраниците на Ангеловски завршија трети зад Полска и Австрија, а пред Словенија, Израел и Летонија.
„По многу години бевме трети во групната фаза. Одигравме солидни квалификации. Откако дојде селекторот Ангеловски, атмосферата во тимот е одлична, а неговите заслуги за тоа се огромни. Костурот на тимот беше ист, сменивме само тројца - четворица играчи. Бевме сложни како семејство и знаев дека резултатот ќе дојде. Клучот за пласман на ЕП беше континуитетот во работата во последните пет години, како и фактот што луѓето од ФФМ ни ги обезбедија сите услови за работа. Имаме млади играчи кои направија трансфери и играат во добри странски екипи. На тој начин се здобија со самодоверба и потребното искуство, што беше важно за нашата репрезентација. И кога одигравме и некои лоши натпревари, ги добивме, што значи дека тимот има квалитет “.
Во својата репрезентативна кариера од 2001-ва, Гоче има 114 мечеви и 36 голови, а за оној против Грузија во Тбилиси вели:
„Ова ми е најдраг гол, а уште подраг ми е што конечно се пласиравме на големо натпреварување. За 20 години во репрезентација се случуваа и лоши моменти и проблеми, а еднаш и престанав да играм. Кога Ангеловски стана селектор дојде кај мене во Џенова. Разговаравме и тој ми го кажа мислењето за репрезентација во која се вратив“.
И покрај тоа што сонот му е веќе остварен, Пандев верува дека оваа генерација може да изненади со позитивни резултати на континенталниот собир.
„Во нашата група во предност се Холандија, Украина и Австрија. Кога играш растеретено и немаш што да изгубиш, може да направиш многу повеќе. Се надеваме дека ќе освоиме некој бод и ќе се пласираме на најдобрата можна позиција во групата Ц“.
На тема фаворити за титулата:
„Играм во Италија и знам дека таа се врати на големата сцена со млада и многу квалитетна репрезентација. Франција и Германија се секогаш фаворити. Мислам дека Португалија и Холандија се одлични репрезентации кои ќе се борат за освојување на европската титула. Белгија е исто така меѓу најдобрите, играат многу години заедно и се можеби главен фаворит. Хрватска може да игра голема улога во тоа. Сепак, таа смени неколку репрезентативци, кои беа заменети со помлади играчи. Сигурно нема да и биде лесно да го повтори успехот од СП, иако може да стигне до крајот“.