Гризман има уникатен татко кој се изборил за синот и скромно работел до пензија

Летово Барселона за Гризман даде 120 милиони евра, што само го потврди статусот на Французинот како еден од најдобрите играчи на светот. Оние кои знаат повеќе за него, сигурно го гледале раскошниот документарец за Антоан од Netflix, но таму не се зборува многу за најважниот човек во неговиот живот.

За разлика од мајката на Адриен Рабио и татко му на Нејмар за кои пишувавме неодамна, и кои ја вршат функцијата алчни и незгодни менаџери на своите деца, вадат големи плати од клубовите и прават скандали по медиумите, постојат и родители на суперѕвезди кои се поинакви.

Таков пример е Алан Гризман, таткото на фантастичниот Антоан. Алан ден денес живее во мало рибарско градче во Франција, до скоро работел како хигиеничар а во слободно време е тренер на деца до 13 години.

ТАТКО МУ НА ГРИЗМАН МУ НАПРАВИЛ ДРВЕН ГОЛ ЗА ДА ШУТИРА СО ФУДБАЛОТ

Антоан Гризман е роден во градот Макон на 70 километри од Лион. Татко Алан на времето работел во градскиот совет и благодарение на тоа семејството живеело во голема куќа на два спрата (суперѕвездата на Барселона има постара сестра Мод и брат Тео).

На времето, пред неколку децении, татко му на Гризман почнал фудбалска кариера во локалното клупче Макон, а откако ги закачил копачките на клин, почнал да тренира пионери и кадети.

Најомилен во семејството бил Антоан кого семејството го обожавало затоа што постојано бил насмеано русокосо дете. Мајка му постојано се секирала за него, сестра му Мод го закачкала, а Тео играл со брат му фудбал.

Но татко му Алан е најважна фигура во неговиот живот.

Гризман постариот бил тој кој прв приметил дека малиот Антоан не се одвојува од топката и му направил дрвен гол со стативи. Го ставил пред куќата и Антоан таму со денови и со ноќи шутирал и играл еден на еден со брат му Тео.

Денес во Макон прва туристичка дестинација и најпопуларно место е токму дрвениот гол пред домот на семејството Гризман (второ место за туристите е стадионот каде Гризман играл многу подоцна).

Откако Антоан Гризман дувнал 5 свеќички на тортата, Алан почнал да го носи на стадион. Заедно ги гледале Марсеј (малиот долго време имал слика од стадионот „Велодром“) и Монпеље.

Но љубов на прв поглед му бил Лион, клубот кој доминираше во Франција од 2003 година па се до појавувањето на шеиците во Пари Сен Жермен.

Малиот Гризман бил вљубен во ѕвездата на Лион Сони Андерсон: редовно го гледал само него од трибините и над креветот држел негов постер. Кога наполнил 10 години, татко му Алан му спремил луд подарок - организирал средба со Андерсон.

Гризман-постариот се јавил кај својот пријател физиотерапевтот на Лион, Патри Пере и Бразилецот дошол на едно место каде семејството Гризман било на пикник по повод роденденот.

„Никогаш не сум го видела Антоан толку среќен. И така проаѓаше долго време со татко му, а овој подарок уште повеќе ги зближи“, се сеќава мајка му Изабел Гризман.

Антоан веќе сонувал да стане професионалец. Од 5 години тренирал фудбал во школата на малото клупче Макон. Си водел дури и дневник каде фантазирал дека ќе стане суперѕвезда и ќе одговара на новинарски прашања.

ПОРАДИ СЛАБИОТ РАСТ ГО ОДБИЛЕ НЕКОЛКУ АКАДЕМИИ, САМО ТАТКО МУ ВЕРУВАЛ ВО НЕГО

Малиот Гризман поседувал одлична контрола на топка. Играл подеднакво добро со двете нозе и бил многу брз и спретен. Единствена маана која му ја наоѓале тренерите биле неговата физичка слабост и малиот раст.

Во 2004 година Гризман стигнал до тимот У-13 на Макон. Оваа категорија ја тренирал татко му. За да го поддржи син му, Алан го назначил Антоан за капитен. „Сметам на тебе, малечок мој, ти си најдобар играч во екипава“, му рекол.

Антоан ослободен од секаков страв и притисок, таа сезона постигнал 60 гола на 30 меча за пионерите на Макон.

Две години подоцна, во текот на едно лето, Алан решил да му бара поголем клуб на син му. Но за разлика од татко му на Нејмар, родителот на Гризман не барал никакви бонуси ниту пари за патни трошоци. Сакал само син му да биде член на јака фудбалска школа. Оделе заедно во Оксер, биле во Мец, во Сент Етјен, во Сошо, во Лозана, но секаде ги одбивале поради слабиот и низок раст на Антоан.

После секое одбивање, двајцата во тишина се враќале доцна навечер дома. Обично Ален се обидувал да го живне Антоан Гризман и му купувал омилено јадење и му фантазирал за идната кариера.

„Ништо не разибраат овие кретени. Ти си посебен играч, ќе играш за репрезентацијата еден ден“, како да бил пророк Алан за она што ќе се случува години подоцн.

Најмногу од се го погодило кога бил на проба во Мец каде капитен на тимот У-13 бил Миралем Пјаниќ. Антоан сакал да ги импресионира директорите на младинската школа на Мец, Муе и Перен. Но и тие сметале дека е малечок, слаб и низок и му предложиле преку викенд да доаѓа кај нив а преку недела да си тренира со Макон.

Антоан толку многу се потресол што шест ипол часа назад до дома не прозборел во колата. Следниот ден им се јавиле и им кажале дека се одбиени. Антоан почнал да плаче кога разбрал.

Алан тогаш татковски завратил ракави и решил да им ѕвони на директорите Муе и Перен. Неколку часа ги разубедувал да сменат мислење, им праќал ренгентски снимки од рацете на Антоан, им докажувал дека малиот ќе се развива физички, но тие ништо не му одговориле.

После неколку месеци се случило чудо. На еден турнир во главниот град на Франција, Антоан го приметил шпанскиот скаут Ерик Олјатц. Тој бил човек од службата на Реал Сосидад и брзо го викнал малиот во нивната академија.

Антоан морал да се пресели цели 900 километри подалеку од дома и своите да ги гледа само еднаш годишно. За ова зборуваше и во документарката на Netflix.

Што се случи понатаму, добро знаете.

ОТКАКО СТАНА СВЕТСКИ ШАМПИОН СО ФРАНЦИЈА, ГРИЗМАН ПРВО МУ СЕ ЈАВИЛ НА ТАТКО МУ

Цели 14 години поминале откако прв пат заминал далеку од своите родители. Во првите неколку години доаѓал дома само на крај на полусезоната, но после трансферот во Атлетико Мадрид кога веќе како созреан човек кој создал семејство (жена и две ќерки), тој секоја година доаѓа во Макон за Купот Гризман, кој се организира за детските екипи во негова чест.

Антоан е светска суперѕвезда, екстремно богато платен светски шампион, но неговите родители живеат скромно. Алан Гризман никогаш не се излакомил да стане менаџер и да заработува пари. Тој до скоро работел како хигиеничар. За да го гледа син му на Европско 2016-та во поголемите француски градови, тој зел одмор од 2 недели.

„Алан зема слободни денови за да го гледа син му на Европско“, рекла негова колешка Анис во разговор со францускиот Le Temps во 2016 година. Но веќе на 12 јули мораше да се врати, а мене тогаш ми почна одмор“.

Пред две и пол години Алан се пензионирал и се посветил на тренинзите на У-13 тимот на Макон.

Таткото и синот Гризман редовно се слушаат пред секој меч, а во 2014 година Ален признал отворено дека не гледа француска лига, затоа што го интересира само Реал Сосиедад.

„Антоан уште е мој син. Кога доаѓа дома во Макон, од суперѕвезда се претвора во обичен дечко од Макон. Муабетиме за се и сешто и секогаш можам да го укорам ако нешто неправилно прави“, вели татко му.

Антоан на 9 септември 2017 година специјално за роденденот на татко му дошол во Макон. А Алан рекол дека подобар поклон не можел да замисли.

Кога Гризман стана Светски шампион во 2018 со Франција, го викнал татко му со него во соблекувалната да прослават, а го земал со себе и за време на големата церемонија на Елисејските полиња во Париз кога татко му стоел до претседателот Макрон.

Исто и летово додека траеше шпанската серија и сагата со Барселона, Антоан рекол: „Седев дома со денови и чекав повик од агентот. Само што ми јави дека трансферот се одвива, скокнав од радост и прво му се јавив на татко ми“.

А не го заборави својот татко ниту на презентацијата во Барселона:

ВЕРОНИКА РАБИО - НАЈПОЗНАТАТА МАЈКА МЕНАЏЕР ВО СВЕТОТ НА ФУДБАЛОТ

ДРУГАРИТЕ НА НЕЈМАР ЗЕМААТ МЕСЕЧНА ПЛАТА ОД 10.000 ДОЛАРИ ОД НЕГО