Како ѕвездата на Челси во ’90-те страдаше од хомофобија

Грем, дојди и штипни ме за задникот

Еден од потрофејните играчи во историјата на Челси бил близу одлуката да го напушти фудбалот затоа што му извадиле муабет дека е хомосексуалец и упорно го навредувале по сите стадиони во Премиер лигата.

Поранешниот капитен на Арсенал, Реј Парлоу раскажувал како се одвивала предсезоната во Арсенал во средината на ’90-те години.
„Ние добро работевме и Венгер ни даваше одмор. Одевме во паб и нарачувавме по 35 кригли пива за пет души. Во екипата тогаш беа Французите Виера, Пети и Гриманди. Кога излеговме од барот, ги видовме како седат во кафулето и пушат цигари. Помислив: Ние пиеме, овие пушат, титулата отиде.“
Таа сезона Арсенал убедливо ја освои двојната круна во Англија со титула и куп.
 
Англиската Премиер лига денес е пример за професионалност (иако во Арсенал уште има некои што пушат). Во годините кога Премиер почна да се дава на нашите телевизии, алкохолот и брзата храна меѓу фудбалерите биле норма.
 
А норма бил и непријателскиот однос кон оние кои не сакале да бидат како сите останати.
 
На пример, левиот бек Грем Ле Со. Играше четири години во Челси, потоа премина во Блекбурн каде ја освои титулата во сезоната 95/96-та, а во 1997-ма се врати во Челси за 5 милиони фунти со што стана најскап дефанзивец во историјата на англискиот фудбал.
 
Ле Со не криел дека забавата на англиските фудбалери во ’90-те не била за него: не го интересирал билијард и дискотеки, одел на изложби, во музеи и на хуманитарни вечери. Сите читале Сан, а тој редовно го читал либерално ориентираниот Гардијан.

Другарите за него велеле дека не сака внимание, журки, пијанки. И поради тоа го викале наивен. Ле Со бил дечко од богато семејство, се движел во одреден круг на пријатели и сметал дека нема да има проблем кај фудбалерите. Едноставно не сфаќал дека постојат луѓе кои не ги прифаќаат оние кои се поразлични од нив.
Кога Ле Со првпат заигра во Челси, станал добар пријател со соиграчот од Холандија Кенет Монк. Еден ден заедно возеле низ Франција и Белгија до Холандија каде имале специјален тренинг курс.

„Потоа Кен се врати во Лондон, а јас отидов на одмор со девојка ми", изјави Ле Со.

По враќањето, Грем за каналот на Челси зборувал за патешествието, и употребил збор „дружбата со Кен". Од тој момент некој дофрлил како „Грем и Кен кампувале заедно“ и веднаш почнале вицови дека е геј и ситуацијата се влоши. Вицовите се претвориле во гласини, гласините во весниците и Ле Со почнале да го навредуваат на сите стадиони. Многу се нервирал поради тоа.

Не само што трпел навреди од навивачите, туку и од играчите.

Најпознат инцидент беше на мечот меѓу Челси и Ливерпул во 1999. година. Во текот на натпреварот, Роби Фаулер во еден момент му го свртел задникот на Ле Со и му викнал: „Дојди и стави ми го право во газот!".

Ле Со му се пожалил на судијата поради Фаулер, но добил жолт картон поради задржување време. За малку ќе добиел и црвен картон, но судијата не забележал кога го удрил Фаулер веднаш потоа. Во својата автобиографија, Фаулер изјави дека меѓу двајцата дијалогот бил:

„Но јас сум женет! - Па и Елтон Џон е женет, другар!".

Пред неколку години, откако Германецот Томас Хицлшпергер јавно призна дека е геј, Фаулер на Твитер постираше статија од интервјуто со Хицлшпергер и напиша дека се извинува за навредите на Ле Со. „Се срамам од мојата постапка, но не можам да го сменам минатото. Растеш така што учиш на грешките. Така и направив", напиша Роби.

Ле Со немал проблеми само со Фаулер, туку и со Роби Севиџ и Пол Инс, а еднаш дури и Дејвид Бекам го нарекол педер. Најмногу го навредил тренерот на Челси Гвин Вилијамс кога еднаш му рекол: „Ајде педеру, облекувај копачките". Во студиото на БиБиСи пред некоја година, Фаулер и Севиџ се извинија за хомофобијата. Во својата автобиографија ''Left Field'', Грем Ле Со раскажа дека поради навредите за малку ќе го напуштел фудбалот: „Имав нешто како депресија. Кога беше време за теретана, бев нервозен и се чувствував болен. Се плашев да одам".

Тој вели дека соиграчите му се смееле што се облекува како студент а се шокирал кога 10-годишно дете на Енфилд од трибините му викал: „Крвав педер, да те ***м во газот". Таткото на детето го викал истото до него. “Многу бев осетлив и работите ги сфаќав премногу сериозно. 14 години, илјадници луѓе од трибините ми викаа дека сум геј", пиша Англичанецот со француско потекло во својата книга.

И покрај тоа, Ле Со имаше одлична кариера. Стана првак на Англија со Блекбурн, со Челси го освои Лига Купот, ФА Купот и Купот на Купови. Два пати беше биран во тимот на годината.

За Англија играше 36 меча од кои 4 на Светското првенство 1998-ма во Франција. Против Бразил постигна еврогол. Со фудбалот заврши во 2005. година. Како причина го наведе огромниот наплив на странски фудбалери, а призна и дека многу му олеснало кога се пензионирал. Живее со жена му и двете деца.

Работеше како колумнист за Гардијан и експерт на БиБиСи каде зборуваше не само за фудбалот, туку и за економијата. Подоцна правеше и анализи на натпреварите за американскиот НБС.

Неодамна имал спор со Жозе Мурињо. Грем го критикувал неговото однесување со Ева Карнеиро. Како одговор, Мурињо го потсети Ле Со дека одбил да лета во Израел на мечот против Хапоел во 2001. година по нападите во САД на 11. септември.

Челси тогаш им понудил на играчите дека може и да останат, а не патувале Ле Со, Десаи, Гудјонсен, Пети, Галас и Ферер. Минатата година, кога Челси гостуваше во Лигата на шампионите во Тел Авив на дуел против Макаби непосредно после терористичките напади во Париз, Мурињо изјави:

„Немам проблеми со составот. Имам храбри дечки, нема такви како Ле Со".

Грем Ле Со е хетеросексуалец, тој и неговата сопруга Мариан имаат две деца. Мариан била со ќерката на дуелот против Ливерпул кога Фаулер се покажал како идиот.

Тој велел дека хомосексуалноста е последно табу во англискиот фудбал. „Ниту еден тренер нема да сака контакт со вас ако признаете дека сте хомосексуалец. Ужасно е тоа што се случува, но така е", констатира левиот бек на Челси во успешните години.