Неапол се загрева за мечот од 5. коло во Лига на шампиони, а тоа може лесно да се забележи со само една прошетка низ центарот на градот.
На секое ќоше во еден од најфудбалските италијански градови има продавници со обележја на Наполи, како и шал половина Наполи, половина Црвена Ѕвезда по цена од 7 евра, како најава за натпреварот.
За оние кои не можат да си дозволат оригинален дрес од клубот кој го носат во срцето, постојат копии по 10 евра. Во официјалниот фан шоп кој се наоѓа покрај стадионот дресовите се движат по цена од 50 до 70 евра.
И скоро три децении по неговото заминување, во Неапол лесно може да се најде дрес од Марадона, човекот кој им ги донесе единствените две Скудета во клупската историја. Ги славеа во 1987-ма и 1990-та година.
Во групата Ц работите се замрсени бидејќи на две кола до крајот сите четири екипи имаат шанса за пласман во осминафиналето. Наполи и Ливерпул имаат по 6 бода, ПСЖ 5, а Црвена Ѕвезда 4. Победат ли вечерва Италијанците и Англичаните, тоа ќе значи завршена работа за нив.