Вејн Руни призна дека престигнувањето на рекордот на Боби Чарлтон на возраст од 30 години е нешто што никогаш не можел да го замисли. Центарфорот вчера од пенал во '85-та минута ги постави конечните 2-0 и на тој начин стигна до 50-от гол за репрезентацијата.
При влегувањето во соблекувалната после мечот, Руни доби аплауз од сите соиграчи и стручниот штаб, а селекторот Рој Хоџсон му подари дрес со јубилејниот број 50 во рамка. Англиската фудбалска федерација за последниот меч од квалификациите против Естонија следниот месец подготвува Златна Копачка за Руни која ќе му ја предаде Сер Боби Чарлтон на Вембли.
Руни одржа говор пред репрезентативците, а Хоџсон изјави дека е сигурен во продолжување на голгетерската серија на Руни.
„Ме фасцинира тоа што и натаму игра со истиот жар. Кога некој би дал 50 гола, би помислил дадов 50 и толку од мене, но Руни и натаму гризе на тренинзите и сака да импресионира како да има 19 години. Навистина е неверојатен и мило ми е што ја оправда капитенската лента која што му ја дадов, апсолутно ја заслужува“, додаде Хоџсон.
Како апсолутен рекордер Руни изјави дека во репрезентацијата има млади играчи како Рос Баркли, Даниел Стариџ, Хари Кејн и Рахим Стирлинг кои би можеле да го достигнат рекордот во иднина.
„Чувството е одлично. Бев близу на последните неколку натпревари и сега кога ми го постигнав ми се оствари сонот. Емоционално го доживеав моментот кога топката влезе во голот. Голема чест е за мене и екстремно многу сум горд на достигнувањето. Да се биде најдобар стрелец во историјата пред да наполнам 30 години е нешто што не можев да го замислам. Во 2009-2010 минав цела година без гол за Англија, но откако Рој стана селектор дадов многу голови. Благодарен сум му на Рој што ме остава слободно да играм“, изјави Руни.
Боби Чарлтон, чијшто рекорд во Јунајтед исто е загрозен од Руни му честиташе на Вејн.
„Отсекогаш бев горд што го држам рекордот. Да се игра за мојата земја секогаш беше голема чест и привилегија и нешто што го правев со голема гордост. Искрено не можам да негирам дека ми е криво што веќе не го држам рекордот, но како и да е апсолутно ми е мило што е тоа Руни, капитенот на мојот сакан клуб и земја“, изјави освојувачот на СП 1966. година, Боби Чарлтон.
Селекторот Хоџсон кој ја одведе Англија како прва селекција на ЕП во овие квалификации (пред 2 кола), додаде дека од Руни очекува сигурно уште многу голови на ЕП 2016 и на СП 2018 во Русија. „Ако игра до 2018, тоа се уште 20 или 30 натпревари, така што би требало да даде 10 до 15 голови“, заклучи Хоџсон.
Руни во меѓувреме изјави дека би ги дал сите 50 голови за златен медал на Европското првенство во Франција следната година.
Јубилејниот 50-ти гол на Руни за Англија:
Говорот во соблекувалната:
Ефектниот гол на Хари Кејн за 1-0: