Томазо Берни е ветеран кој на 37 години фигурира само како член на Интер за кој пазете каков скор има:
6 СЕЗОНИ – 0 НАСТАПИ – 2 ЦРВЕНИ КАРТОНИ
Интер го купи во 2014-та од Торино и од тогаш му нема дадено ни една шанса за настап. Ниту една во првенство, Куп или Европа. Неверојатно.
А она што е интересно е што откако е на Меаца има заработено два црвени картони и тоа и двата оваа сезона. Додека викендов Конте во 68-ма минута од мечот против Парма правеше измена и во игра го ставаше Алексис Санчез, судијата му покажа црвен на Берни, најверојатно поради приговор.
Претходно беше набркан предвреме во јануари годинава на мечот против Каљари, откако му аплаудираше саркастично на судијата кој му даде црвен на Лаутаро Мартинез.
Берни има долга кариера која брои 18 години, но само 120 настапи. Се калел во школата на Интер од 1998-ма и три години подоцна бил пратен во првиот тим на Вимблдон. Но после 0 настапи се враќа во Италија и станува прв голман на второлигашот Тернана.
Потоа “бранел“ за Лацио, Салернитана, Брага и Сампдорија каде го имал последниот настап во 2013-та.
Во Лацио беше колега со Пандев и имаше само 6 настапи во Серија А за 5 сезони од кои една во градското дерби. Освен во Серија Б, тој е речиси секаде трет избор меѓу голманите, па така на пример на Олимпико предност пред него имаа Муслера и Балота.
Неговиот договор со Интер трае до август, што значи има шанси да стигне и до хет-трик на црвени картони.
Кариерата „клати врата – земај плата“ ветеранот ја бутка со годишна со 200.000 евра, што не е лошо нели како за гледач.