„Знаев дека позади има двајца соиграчи на гол линијата, па одлучив да излезам за да му го затворам просторот. Среќа ме погоди во рака, одбранив, но за малку не ми ја скрши раката!“, се сеќава голманот на Барнли Том Хитон на акробатскиот шут на Ибрахимовиќ кој му го одбрани во 61. минута.
Суспендираниот Жозе Мурињо од трибините гледаше како неговата екипа изведува канонада врз голот на Барнли, но залудно. Кога голманот и капитен на гостите го одбрани шутот на Златан, главниот специјалист за одбрани на акробатски шутеви, Питер Шмајхел напиша на Твитер: „Според мое мислење, одбраната на Том Хитон по ударот на Ибрахимовиќ е една од најдобрите во историјата на Премиер лигата. Просто така е!“.
Како резултат на тоа, Јунајтед не можеше да направи ништо со херојскиот капитен Хитон кој го заврши мечот со 11 чисти одбрани, најмногу во целата лига.
Беше тоа уште еден ден од животот на Барнли, скромен клуб од Ланкашир. Целта на Барнли е да преживее. За потребите на тимот предводен од тренерот Шон Даиш управата после многу долго размислување издвоила 10,5 милиони фунти и го пробила клупскиот рекорден буџет кој е смешен за стандардите на лигата.
Во такви околности, голманот има најмногу работа. Во првите 10 кола Хитон собрал 57 одбрани - повеќе од сите други во лигата. Акаунтот Opta кој помалку е пародичен вели дека „за да се изгради Том Хитон потребни се 360 ќерамиди. Како ѕид е“.
Тоа доволно објаснува зошто тој може сериозно да смета на признание во лига каде бранат Уго Лорис, Давид Де Хеа, Тибо Куртоа и Петр Чех. Секој викенд за Барнли е борба за гол живот а за Хитон повод за нов голем меч.
Голманот често е суперхерој на екипата, но мечот на „Олд Трафорд“ за него беше посебен. Така е кога се враќа во посета на клубот во кој минал 13 години.
Том се појавил во Манчестер Јунајтед кога имал 11 години. Успеал да го фати Питер Шмајхел и да слушне некој негов совет и приказна од терените каде соиграчите не можеле да му дадат гол.
Наскоро од Фулам дошол голманот кој ќе стане еден од најдобрите во историјата на Јунајтед - Едвин ван дер Сар. Во периодот меѓу позајмиците, Хитон учел од ладнокрвниот Холанѓанец и подоцна ја дознал формулата за идеален голман: „Ако сте способни да ја достигнете сигурноста на Шмајхел и спокојството на Едвин, тоа е совршена комбинација“.
Во сезоната 2007/08 Ван дер Сар се повреди и Хитон седеше на клупата на Манчестер Јунајтед зад Адам Кушчак и Бен Фостер. Хитон бил присутен и на мајската вечер во Москва кога Ван дер Сар го одбрани пеналот на Никлас Анелка и му ја донесе на Манчестер Јунајтед третата титула во Лигата на шампионите.
Хитон го следел финалето од ложата на „Лужњики“ заедно со Жерар Пике, Луј Саха, Дени Велбек и Парк Џи Сунг а подоцна во соблекувалната го пробал и шампањското од пехарот. Тогаш размислувал: Да, ова е грандиозен момент во мојот живот, величествен миг, но колку сум јас вклучен во сето тоа? На крај ја земал топката од финалето како сувенир.
Договорот со Манчестер Јунајтед му истекол во 2010. година. Алекс Фергусон се надевал дека ќе го продолжат, но Хитон имал други планови. Веќе наполнил 24 години а уште не заиграл ниту минута како стартер, цело време позајмуван во англиското фудбалско подземје.
Во неколку интервјуа подоцна Том се сеќавал како возбудливо му било во канцеларијата на Фергусон. Неодамна шкотскиот тренер откри дека во животот само 6 пати користел фен, а се погодило токму тогаш кога голманот Хитон влегол кај него во канцеларија. Откако слушнал за намерата на голманот да замине, Фергусон поцрвенел и на 2 минути го исклучил фенот после што побарал од Хитон да излезе.
Три недели подоцна повторно се сретнале, а Сер Алекс рекол дека ја почитува неговата одлука и му ветил дека е тука за што и да му треба. Кога Том после неколку години го добил првиот повик за репрезентацијата на Англија, меѓу многуте смс пораки и честитки, една била и од Сер Алекс Фергусон.
За репрезентацијата Хитон досега има два настапи и вкупно само шест минути. На дебито против Австралија имал само два контакти со топката во финишот. „Прилично чудна приказна, но реалноста на фудбалот е таква“, изјавил после мечот на кој стана првиот играч на Барнли кој заиграл за Англија после 42 години.
„Тој беше првиот кого го земав во тимот (благодарение на тоа што го раскина договорот со Бристол Сити). Немав кристална топка да гледам во неа, не можев да тврдам дека Том ќе брани за Англија, но мислам дека сите тешкотии низ кои поминал влијаеле на неговиот развој“, вели за Томас Хитон, тренерот на Барнли Шон Дајш.
Денес се чини дека преминот на Хитон на стадионот „Терф Мур“ бил најдобар потег во кариерата. Тој е роден во Честер, но за Барнли навиваат неговиот дедо и татко.
Во градот со население од околу 75.000 жители живеат и сите блиски роднини на Том а тој вели дека благодарение на враќањето на тимот во Премиер лигата, сега градот е бучен и луѓето знаат каде е Барнли на мапа. Денес Том Хитон е еден од најдобрите голмани во Англија и не случајно е репрезентативен голман. Чисто да знаеме зошто толку многу го излуде „Олд Трафорд“ пред 20 дена.