
Локалната полиција во Албанија пред неколку часа го уапсила Алфред Продани, кој е висок претставник на владата во Албанија и се очекува да биде испорачан во Шпанија која за него пуштила Интерполова потерница.
Албанецот во Шпанија е обвинет за насилни грабежи на вили меѓу кои и онаа на најдобриот фудбалер на светот сезонава, Карим Бензема од Реал Мадрид во 2019-та година.
Нападот и грабежот на домот на капитенот и лидер на Реал се случил на 27 февруари 2019. година за време на големото Ел класико дерби против Барселона кое се играше на „Сантијаго Бернабеу“ во рамки на Копа дел Реј. По крајот од мечот кој го доби Барса, Бензема бил известен дека имало насилен грабеж во неговиот дом после што тој бил видно потресен.
Како што соопшти албанската полиција, Продани бил уапсен во градот Љач во северна Албанија кој има околу 18.000 жители во операција под името „Коруња“ во која учествувале полицајци од станицата во Курбин и агенти на Интерпол од Тирана.
Љач е едно од најголемите места во округот Леже којшто е административен центар на регионот Курбин во северна Албанија. Токму таму Алфред Продани бил шеф на ЈП Водовод и канализација Курбин (Ujësjellës Kanalizimeve në Kurbin). Ова високо место го добил како член на социјалистичката партија на Албанија која е дел од владата.
Продани (41) цели девет години бил директор на ова јавно претпријатие а во 2013-та година судот во Коруња издал налог за негово апсење поради серија кривични дела вооружени грабежи.
Во 2019-та поранешниот албански претседател и поранешен премиер Сали Бериша јавно го обвинил Продани дека со уште еден соучесник ја ограбил вилата на познатиот фудбалер Карим Бензема, но Продани тогаш ги отфрлил наодите како лажни. Бериша одново реагирал и ја обвинил владата на албанските социјалисти дека ја наполниле државната администрација со лопови и криминалци и рекол дека тој функционер (Продани) извршил најмалку 40 грабежи по Шпанија.
Друг политичар кој реагирал бил Крешник Спахиу, основач на алијансата Црвено-црно кој рекол дека човекот кој криминална кариера направил во Шпанија а во исто време бил на јавна функција во Албанија. „Го опљачка Бензема и го поставија за директор. Ако успее да го опљачка Меси, ќе го стават за министер“, рекол Спахиу.
Тие 40 грабежи сега се предмет на шпанското обвинителство во рамки на таканаречената операција „Коруња“ наречена така поради потеклото на судот кој прв го обвинил Продани. Неговата екстрадиција во Шпанија е овозможена по потпишвање на билатералниот споразум во октомври 2021-ва меѓу премиерот на Шпанија Педро Санчез и неговиот албански колега Еди Рама.
Што се однесува до Карим Бензема, тој неодамна на големото полуфинале против Манчестер Сити беше мета на еден навивач кој носеше албанско знаме со кое го прегрна францускиот фудбалер. Редарските служби веднаш реагираа и го вратија престапникот кој се испостави дека бил од Албанец од земјава кој работи во Германија.