Фудбалска Италија минува низ најлошата епоха во својата историја

„Разочарување“, „Катастрофа“, „Очај“ се само дел од денешните наслови во италијанските медиуми после уште една мизерна партија на нивните репрезентативци - овојпат во Лисабон каде изгубија 1:0 во Лига на нации.

Португалија притоа играше без Кристијано Роналдо кој одлучи да се посвети на тимските обврски и да го скокне септемврискиот циклус со репрезентацијата.

***

Тешко е да се потсетиме на слична епоха во италијанската репрезентација. „Аѕурите“ го пропуштија Мундијалот во Русија и никако да се опорават после тој нокаут.

Од основањето на италијанската фудбалска репрезентација, оваа селекција пропуштила само две големи натпреварувања - Светските првенства 1930 во Уругвај и Шведска 1958, па после децении успешни настапи на големите натпреварувања, пропуштањето на Мундијалот во Русија беше студен туш.

Кризата на италијанската репрезентација доаѓа како последица на слабиот клупски фудбал каде освен Јувентус кој е години и години понапред од сите други клубови, ниту еден друг тим долго време не направил значаен успех во Европа.

РЕЗУЛТАТИТЕ НА ИТАЛИЈА ВО 2018:

1. Аргентина 2-0 Италија
2. Англија 1-1 Италија
3. Италија 2-1 Саудиска Арабија
4. Франција 3-1 Италија
5. Италија 1-1 Холандија
6. Италија 1-1 Полска
7. Португалија 1-0 Италија

Осум сезони по ред Италија немала шампион во Лигата на шампионите. Последен пат Жозе Мурињо во сезоната 2009/2010 му донесе трофеј на Интр.

Во Лига Европа бројките на Италијанците се уште помизерни: 19 изданија без титула. Последен пат во ова натпреварување славеше Парма (тогашен Куп на УЕФА) во сезоната 1998/1999. Пехарот на „млекарите“ им го донесе славната екипа: Буфон, Канаваро, Турам, Верон Креспо, Асприља и други.

Во последнава деката на клупата на Италија се сменија неколку селектори: Марчело Липи, Чезаре Прандели, Антонио Конте, Џанпјеро Вентура и сега Роберто Манчини.

Италија играше во финалето на Европско 2012 каде ги потопи Шпанија со 4-0 и од тогаш до денес немаат успех за фалење.

****

Освен Жоржињо од Челси, Италија под водство на Манчини нема ниту еден друг фудбалер кој игра на највисоко европско ниво. Верати е исклучок кој го потврдува правилото дека италијанските фудбалери подобро се развиваат во други клубови (во случајов ПСЖ).

Без играчи со шампионско педигре од големите натпреварувања, а со фудбалери кои уште не одиграле ниту минута во Серија А, Италија тешко дека ќе излезе од кризата која сама од себе нема да пројде.

Манчини го чека тешко гостување во Полска на 11 октомври а три дена потоа во Италија ќе гостува Португалија веројатно засилена со Кристијано Роналдо. После овие две средби ќе се знае епилогот на „Аѕурите“ во Лига на нации.