Фудбалот стана игра на мускули без мозок

Изминатава недела уживавме во голеадите на неколку натпревари во Англија, но ретко кој примети дека фудбалската игра има голем проблем со лошите одбрани. Денес, првокласни дефанзивци можат да се избројат на една рака, а нема да ви биде потребна ни една рака за да ги изброите тимовите со првокласна одбрана.

Во изминатите неколку денови на три натпревари во Англија беа постигнати 26 голови, а 12 од нив само на еден натпревар и сите се возбудија за тоа колку бил добар фудбалот.

Но проблемот е во тоа што нема ништо возбудливо во гледање на фудбалски натпревар на кој скоро секој напад резултира со шанса за гол. Секои пет минути некој дефанзивец прави ужасна грешка, а во одбраната има повеќе простор од паркинг пред видеотека.

На овие натпревари Фергусон и Венгер им дадоа шанса на неколку младинци, но играњето на недораснати фудбалери не треба да биде оправдување за заклучокот дека ова е време на најлошите дефанзивни линии во последните неколку декади.

Првокласни дефанзивци можат да се избројат на една рака, а нема да ви биде потребна ни една рака за да ги изброите тимовите со првокласна одбрана.

Многумина ќе речат дека причината за ова е развојот на фудбалот, но вистинската причина е самата топка.

Уште откако првата синтетичка фудбалска топка беше употребена на Светското првенство во Мексико 1986, секоја година топките стануваат се повештачки, а тоа има погубно влијание на одбраните.

Новите топки се многу побрзи и многу отскокнуваат, а со тоа и играта стана побрза. Во минатото Италија беше позната по своите дефанзивни линии, но сега и таму нема добри дефанзивци. Одбранбените фудбалери веќе не можат да го користат мозокот, туку само сила.

Тактиката и формациите исто така се променија заради вештачките топки. Либерото исчезна од играта, исто како и маркирањето затоа што топката премногу брзо се движи по теренот и им ја отежни работата на дефанзивците.

Има уште неколку други фактори. Напаѓачите профитираа откако се забрани враќањето на топката на голманите, а им се олесни работата и со правилото за пасивен офсајд.

Но се на се, фудбалот е премногу хаотичен. Наликува на школско игралиште со 30 деца кои трчаат по топка без никаков ред. Без мозок, туку само мускули.

Сакаме ли ваков фудбал? Сакаме ли фудбалските натпревари да наликуваат на оние од видео игрите? Или сакаме фудбалот да остане уметност каде подеднакво се ценат нападот и одбраната?

Мораме да им дадеме до знаење на раководните луѓе во фудбалот дека нивната пластична револуција ги уништува вештините на играта, пред да биде премногу доцна и одбраната целосно да изумре.

Carlo Garganese - goal.com

2 ноември 2012 - 12:41