Една од спортските агенции кои се занимаваат со детални статистики во фудбалот, од каде излегуваат разно разни детали е Opta Sports, која често прави споредби помеѓу најсилните пет национални првенства во Европа.
За време на еден 90 минутен натпревар нивниот систем генерира од 1.600 до 2.000 настани. Секој допир на топката влегува во повеќе од еден вид на статистика. Додавањето помеѓу двајца играчи се гледа колку време трае, на кој дел од теренот се одвива, дали е обичен пас или е асистенција. Тимот со околу 2.000 настани по натпревар е Барселона.
Но познавачите кои се дел од оваа модернизација во фудбалот велат дека многу е важно да знаете да ги препознаете оние статистики кои може да му бидат корисни на тимот, инаку во спротивно од бројките нема да разберете ништо.
Манчестер Сити на пример има ангажирано 11 аналитичари кои се занимаваат со статистика, а во Серија А оваа сезона е изброено дека фудбалерот кој има најмногу допири со топката е Тоти со вкупно 1.064.
Кога по втората светска војна аналитичарот Чарлс Рип почнал за запишува основни статистики на еден меч во англискиот фудбал, како на пример во кое полувреме паѓаат повеќе голови, за да ја заврши деталната анализа му биле потребни 80 часа.
За финалниот меч од Мундијалот од 1958 година потрошил три месеци, а во кариерата анализирал повеќе од 2.000 натпревари. Сега тоа оди дигитално, а агенциите како Opta Sports започнале со работа во 90-те години.
Од нив дознавме како изгледа учинокот на еден просечен европски фудбалер, потоа кој бил најфаулиран фудбалер минатата сезона. По завршувањето на ланската сезона можевме да видиме што ќе се случеше доколку Реал Мадрид играше без странци, што ако фудбалерите на Ливерпул не ја погодуваа толку често стативата или како ќе станеше Арсенал шампион во Премиер лигата.