Фудбалерите кои прерано го завршија животот

Голманот на Орландо Пајртс и капитен на ЈАР, Сензо Мајива е последниот во низата фудбалери кои ненадејно починаа во екот на кариерата. Низ историјата се случуваа и несреќи со кола, авион или за време на натпревар.

СЕНЗО МАЈИВА

Икер Касиљас, Самуел Ето и други познати фудбалери преку социјалните мрежи изразија сочувство до семејството на Сензо Мејива, голманот кој настрада во обид да ја заштити девојка му од провалници во нејзиниот дом. Мејива беше капитен и лидер на репрезентацијата на „Бафана Бафана“.

Колку голем бил Сензо за Јужно Африканската Република говори и денешната изјава на претседателот на оваа земја, Јакуб Зума.

„Тажни сме поради смртта на овој млад фудбалер, кој беше предводник на репрезентацијата. Настрада трагично во раната фаза од неговата кариера. Законот и авторитетите во оваа земја мора да го пребараат секој камен додека не ги најдат убијците“, изјавил Зума.

Полицијата во Јоханесбург понудила 14.000 фунти за било каква информација која би довела до тројцата осомничени.

ДАНКАН ЕДВАРДС

За некогашниот фудбалер на Манчестер Јунајтед велат дека ги имал сите предиспозиции да стане еден од најдобрите играчи во клупската историја.

Едвардс (21), за жал беше дел од генерацијата на Манчестер што ја доживеа авионската несреќа во Минхен во 1958-та година, по реваншот од 1/4 финалето во Белград. Данкан Едвардс бил еден од неколкуте играчи што го преживеал падот, но по неколку дена починал во минхенската болница.

Во една од емисиите посветени на трагичниот настан, помошниот тренер Џими Марфи зборува дека Едвардс од болничкиот кревет го прашал: „Кое време играме со Вулвс, Џими? Не смеам да го пропуштам тој натпревар“?

За талентот на Данкан Едвардс зборувал и Сер Боби Чарлтон кој изјавил дека трагичната смрт го спречила Данкан да стане еден од најдобрите играчи во историјата на англискиот фудбал.

АНТОНИО ПУЕРТА

Како Едвардс, така и некогашниот бек на Севиља беше млад човек што почина поради големата љубов, фудбалот. На 25. август 2007-ма, Пуерта колабираше на сред терен во дуелот против Гетафе.

Лекарите подоцна објавија дека Пуерта починал од аритмогена дисплазија или наследна болест на срцето. За време на срцевиот удар, на Пуерта му откажале неколку витални органи.

Трагедијата беше уште поголема по објавувањето на веста дека неговата 22-годишна девојка е бремена од него.

ЛОРИ КАНИНГЕМ

Првиот црнец кој играл за англиската фудбалска репрезентација, на 33 години загина во сообраќајна несреќа во Шпанија во јули 1989-та година. Во неговата богата кариера играше за Вест Бром, Марсеј и Реал Мадрид.

Лори Канингем бил еден од ретките фудбалери на Реал Мадрид на кој му аплаудирал цел „Ноу Камп“. Канингем беше член на тимот кој за прв пат го внесе Рајо Ваљекано во Примера.

АНДРЕС ЕСКОБАР

Колку не се познати деталите од убиството на голманот Мејива, толку се познати фактите за убиството на Андрес Ескобар.

Ескобар беше колумбиски репрезентативен стопер, кој беше убиен веднаш по СП во САД 1994-та година. За време на Мундијалот тој си даде автогол поради кој Колумбија испадна од натпреварувањето. Само пет дена подоцна, 27-годишниот дефанзивец беше убиен во својот град.

Истрагата доведе до Умберто Кастро Муњоз, кој наводно загубил многу пари поради испаѓањето на Колумбија од СП. Муњоз испукал шест куршуми во Ескобар.

МАРК-ВИВИЕН ФОЕ

Камерунецот кој играше за Ленс, Лион, Вест Хем и Манчестер Сити, ненадејно колабираше на теренот за време на 1/2 финалето од Купот на Конфедерациите во 2003-та година.

Фое падна во 72. минута, а во тој момент до него немаше ниту еден фудбалер. Лекарите 45 минути се обидувале да го реанимираат, но тој починал. Подоцна се откри дека Фое имал наследни проблеми со срцето, кои го зголемуваат ризикот од ненадејна смрт во текот на поголеми физички напори.

ПИЕРМАРИО МОРОЗИНИ

За разлика од некои фудбалери на оваа листа, Морозини немаше прилика да заигра за некој поголем клуб. Прошета многу италијански екипи, а последниот тим во кој настапуваше беше Ливорно.

На 14-ти април 2012-та, во дресот на Ливорно Морозини имаше срцев напад во 31-та минута од дуелот против Пескара и почина на патот до болницата. Во италијанскиот фудбал долго време се водеше жестока расправија околу тоа зошто близу теренот немало возило на брза помош.

Самиот живот на Морозини бил обележан со трагични настани, затоа што на 15-годишна возраст останал без мајка му, а две години подоцна починале татко му и брат му. Постарата сестра на Морозини е хендикепирана, а по смртта на Пиермарио, капитенот на неговиот матичен клуб Удинезе, Антонио Ди Натале изјави дека клубот ќе се грижи за неа до крајот.

27 октомври 2014 - 16:52