Французите мора да играат против Англија, 6 Германци одмораат

Трагичниот настан што се случи во Париз остави трага врз репрезентативците на Германија, кои преноќија на стадионот. Од друга страна Франција утре игра пријателска со Англија на Вембли која не се откажа и покрај предлогот на некои фудбалери.

Репрезентативците на Франција се надеваа дека после сè што се случи во Париз, дуелот против Англија ќе се одложи, но така не мислеа и од нивниот сојуз.
 
Играчите очекувале да им биде дозволено да бидат со своите семејства после нападите во Париз, но претседателот на фудбалската федерација Ноел Ле Гре не покажал никакво разбирање за нив, пишува лондонскиот Тајмс.
„Играчите немаа врска со договорот овој натпревар да се одигра. Јас ја донесов одлуката, а потоа го информирав селекторот Дешамп, во саботата попладне“, изјави Ле Гре за француските медиуми.
На крајот играчите се сложиле дека евентуално одложување на дуелот ќе биде спуштање глава пред налетот на терористите. Дека сите фудбалери ќе бидат на располагање потврди и портпаролот на француската репрезентација, Филип Турнон.
„Да. Сите играчи доаѓаат во Лондон“, истакна Турнон.
Шпекулации за одложување имаше и за мечот Германија - Холандија во Хановер, но Панцерите сепак ќе го играат натпреварот и тоа без 6 стандардни репрезентативци.
 
Најпрвин се објави информација според која само Швајнштајгер нема да игра поради тоа што е во шок по тоа што се случи додека играа во Париз, но подоцна се појави вест дека германската федерација ги ослободила уште и Ноер, Подолски, Хектор, Боатенг и Лерој Сане.
„Уште сум под влијание на петочните случувања. Искрено сочуствувам со сите кои ги зафати оваа трагедија. Мислам тука и на луѓето во Вејрут, затоа што не е важно од каде доаѓаат луѓето или од која вера се. Мора да останеме обедните“, напиша Швајни на својот Твитер профил.
Исто така, селекторите Дидие Дешамп и Јоаким Лев соопштија дека знаеле за нападот кој се случил, но сакале да ги поштедат репрезентативците на полувремето од вознемиреност.
 
Мечот Германија - Холандија ќе го следи и германската канцеларка Ангела Меркел.