За Франција Европското уште не е почнато (играат вечерва против Австрија од 21:00) но околу репрезентацијата е гласно. И не поради фудбалски причини, таму е сè во ред, Французите се едни од главните фаворити со мега ѕвезди во тимот.
Главна тема на муабет во нивниот камп во последните два-три дена е политика и изборите во Франција.
На кратко: минатата недела се одржаа избори во Европскиот парламент. Голем дел од гласовите земале центристите, но во Франција и Германија победи остварија десничарските партии.
Партијата „Национално обединување“ на Марин Ле Пен го згромила движењето на Емануел Макрон „Преродба“ 31% наспроти 14%.
Поради овој пораз на тие избори, Макрон решил да стави се на една карта, го распуштил Националниот асамблеј (долен дом од Парламентот во Франција) и објавил вонредни предвремени парламентарни избори (првиот круг е на 30-ти јуни а вториот на 7-ми јули).
Ова значи дека Макрон или ќе ги врати изгубените позиции или десничарската партија на Ле Пен ќе се засили уште повеќе како никогаш досега.
ТУРАМ И МБАПЕ АГИТИРАА ПРВИ
Во саботата на прес-конференција излегол крилниот напаѓач на Интер Маркус Турам, син на легендарниот француски стопер Лилијан Турам. Почнал да зборува како политичар:
„Ситуацијата е многу, многу сериозна. Дознав за тоа (за уверената победа на десничарите на француските избори во Европарламентот) после мечот со Канада (0:0) во Бордо. Ние во соблекувални бевме шокирани. Тоа е жална реалност на нашето денешно општество. Секој ден на телевизија пренесуваат соопштенија за поддршка на таа партија (Национално обединување). Како што кажа Усман (Дембеле), ние сме должни да ги повикаме сите да излезат и да гласаат.
Како граѓани, ние мораме секојдневно да се бориме за тоа да не се повтори и „Национално обединување“ да не пројде. Мислам дека во француската репрезентација сите го делат моето мислење. Некои велат дека треба само да се излезе ид а се гласа но јас мислам дека не е доволно. Исто така мораме да зборуваме за тоа како западнавме во таква ситуација и колку е таа сериозна“, рекол Маркус Турам во широко политичко образложување на ситуацијата во Франција.
МБАПЕ ИСТО ЗБОРУВАЛ ЗА ПОЛИТИКА
Во неделата, ден пред првиот меч на Франција на Евро-2024, за изборите зборувал и најдобриот играч во репрезентацијата Килијан Мбапе.
„Се наоѓаме во решавачки момент од историјата на нашата земја, во незапаметена ситуација. Мораме да ги согледаме долгорочните перспективи и да ги видиме приоритетите. Како граѓани не сме должни да бидеме на страна од светот околу нас. Знаеме дека ова е важен момент за нашата земја.
Сакам да им се обратам на сите Французи и посебно на младите генерации. Гледаме дека крајната десница сака да дојде на власт. Ние можеме да смениме се.
Се надевам дека мојот глас ќе го слушнат што повеќе луѓе. Неопходно е да се поистоветуваме со вредности како толеранција, различност и почит. Важен е секој глас. Се надевам дека ќе направиме правилен избори и гордо ќе го носиме овој дрес на 7-ми јули (вториот решавачки круг на изборите).
Јас ги делам истите вредности како и Маркус Турам. Со него сум. Не мислам дека тој отиде многу далеку. Живееме во земја каде има слобода на говор. Тој си го кажа своето мислење и јас сум солидарен со него. Секако, утрешниот меч е важен но има ситуација која е поважна. Тоа не ни смета во подготовки на мечот“, рекол Мбапе на прес-конференција.
На новинарско прашање дали Килијан Мбапе повикува да не се гласа за „Национално обединување“ тој рекол:
„Килијан Мбапе е против крајности и раскол. Имам можност да бираме иднина за нашата земја. Не треба да се криеме кога нашата земја е во прашање. Ова е важно. Поддржувам идеи кои ги обединуваат луѓето“.