Формата на Лацио пред и после паузата

Поразот на Јувентус од Милан ја остави иста разликата меѓу првиот и вториот на табела во Серија А, но бројките покажуваат дека овој Лацио е многу поразличен од пред карантинот. Како прекинот да им ја скрши магијата.

Во Лацио има разочарување, но и жалење. Првото чувство е неизбежно по најновите резултати, а второто е поткрепено со нокаутот на Јувентус, кој им ја остави вратата отворена за надеж, но се поставува прашањето: Може ли овој пост карантински Лацио да се бори за Скудетото?

Математиката вели да. Ова коло растојанието остана исто, а тоа се 7 бода предност на Јувентус на 7 кола до крај и пред сè директен дуел меѓу нив.

Календарот се чини како да им се насмевнува повеќе на Бјанкочелестите бидејќи од екипите од горниот дел на табелата играат уште со Наполи (последно коло), додека Јуве во сабота се среќава со Аталанта, а ја има и Рома.

ПРОСЕК НА БОДОВИ


Пред карантинот: 2,3 по натпревар
По карантинот 1,2 по натпревар

Ако се направи разлика во тоа колку бодови освојуваат сега, а колку пред паузата ќе се забележи евидентна разлика. По првите 26 кола Лацијалите имале фантастичен просек од 2,3 бода во просек, а сега по 5 меча освојуваат само 1,2 по натпревар.

ПОРАЗИ


Пред карантинот: 2 на 26 натпревари
По карантинот 3 на 5 натпревари

Откако фудбалот во Италија продолжи Лацио загуби од Аталанта, Милан и Лече, а ги победи Торино и Фиорентина со пресврт. Од 15 можни бодови освои само 6 за разлика од Јуве кој освои 12, што е алармантен податок ако се знае дека само две екипи успеале да ги победат по првите 26 кола. За две недели бодовната разлика од 1 се зголеми на 7 бода.

ПРИМЕНИ ГОЛОВИ


Пред карантинот: 0,8 по натпревар
По карантинот: 2 по натпревар

На последните 5 меча пред паузата не примија гол на 3 средби, а сега примија на сите 5 или вкупно 10.

ПОСТИГНАТИ ГОЛОВИ


Пред карантинот: 2,3 по натпревар
По карантинот: 1,4 по натпревар

Темпото на голови се намали и кај стрелецот број 1 во Италија, Чиро Имобиле. Постигна 2 по 5 кола од кои едно рипна поради жолти картони, а на првите 26 кола стигна до 27 гола.

БРОЈ НА ДЕНОВИ ВО КОИ ОТСУСТВУВАА ПРВОТИМЦИ ПОРАДИ ПОВРЕДИ


Пред карантинот: 13 (во 26 кола)
По карантинот: 12 (во 5 кола)

Симоне Инѕаги нема проблем само со суспендирани играчи како што беше против Милан кога не беше во комбинација дуото Имобиле – Каиседо, туку и со повредени во ова турбо темпо на натпревари. Клупата му е далеку потенка од онаа на Јувентус.

И на крај, менталниот аспект. Се чини како долгата пауза да им ја скрши магијата, а во тој поглед Чиро Имобиле изјави:

„Не сме смирени, веќе не се забавуваме“.

8 јули 2020 - 15:25