Претседателот Сеп Блатер постапил по советот кој му го дал првиот човек на Етичкиот комитет на ФИФА Ханс Јоаким Екерт.
„Постојат основи за сомневања дека во некои случаи се направени трансфери на пари кои се поврзани со Швајцарија и тоа треба да биде истражено од страна на органите за кривично гонење“, стои во соопштението на ФИФА.
Блатер и Екерт беа едногласни дека извештајот за случајот со СП Русија и Катар кој го водеше американскиот обвинител Мајкл Гарсија не треба да се објавува во јавноста, но откако вчера остро реагираше УЕФА, тие се предомислија.
„Ако имавме нешто да сокриеме, тогаш тешко дека ќе го преземевме ова до Канцеларијата на Јавниот обвинител“, рече Блатер.
Етичкиот комитет на ФИФА прво призна дека во извештајот на Гарсија има прекршоци и неправилности во доделување на домаќините кои ќе бидат организатори на следните два Мундијали, но дека немало доволно докази за повторно да има гласање.