Претседателот на германската фудбалска лига, др Рајнхард Раубал порача дека 54 членки на УЕФА ќе ја напуштат ФИФА, ако не се објави во целост извештајот во кој се открива мито и корупција.
На тој начин, др Рајнхард Раубал ги зголеми тензиите меѓу претседателот на етичкиот комитет на ФИФА, Ханс-Јоаким Екерт и Мајкл Гарсија, човекот кој ја откри корупцијата во врска со доделувањето домаќинства на СП на Русија и Катар. Американскиот адвокат Мајкл Гарсија беше назначен да го предводи тимот кој ќе ја испитува корупцијата во ФИФА.
„Епилогот е прекин на комуникацијата со телата на ФИФА, а такво нешто не се случило никогаш претходно. Решението е во две работи. Не само што извештајот на етичката комисија мора да се објави, туку треба да се објават и жалбите на г-дин Гарсија“, изјави Раубал за германскиот спортски портал Кикер.де
Извештајот одбива да го објави претседателот на етичкиот комитет на ФИФА, Јоаким Екерт, кој изјави дека нема намера во јавноста да ја пушти целата содржина. Во ова доби поддршка од ФИФА.
„Ако извештајот не се објави во целост и ако кризата не се реши, тогаш се поставува прашањето дали сме во добри раце кога сме во ФИФА. Извештајот мора да се објави јавно и само така ФИФА ќе може да го поврати загубениот кредибилитет. Во спротивно ќе постои можност УЕФА да ја напушти ФИФА“, вели Германецот Раубал, претседател на Бундеслигата.
УЕФА во меѓувреме бара и противкандидат на Сеп Блатер, на изборите предвидени за следната година. Првиот човек на УЕФА, Мишел Платини изјави дека нема да се кандидира за прв човек на ФИФА, а своја кандидатура најави поранешниот претседател на англискиот фудбалски сојуз, Дејвид Бернштајн.