Некој ќе рече ’ништо ново’, некој ќе распали цела лепеза пцовки, а некој во немоќ ќе спушти раменици. Тоа е.
ФИФА претпладнево ја објави ранг листата на која Македонија го забележува најлошиот пласман во историјата и сега е 166-та фудбалска селекција на светот.
Уште потажна вест за нас е што и најновата репрезентација во светот, Косово, која беше формирана неодамна сега е две места пред нас 164. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски на 24. март играат против Лихтенштајн и тогаш ќе имаат шанса да го подобрат пласманот. Ако не се случи нов циркус, секако.
Од екипите во нашата квалификациска група најдобра е Шпанија на 10. место, Италија е 15., Албанија се наоѓа на 54. позиција, Израел е 56, најслаб е Лихтенштајн на 184. место. Од земјите во регионов, Црна Гора и натаму е 64, Србија 52. (пад од едно место), Хрватска е 16-та, Босна и Херцеговина 29-та, Грција 46-та, Словенија 58-ма, а Бугарите се 71-ви на листата.
Лидер на ранг листата на ФИФА и натаму е Аргентина, следуваат Бразил, Германија, Чиле, Белгија, Франција, Колумбија, Португалија, Уругвај и Шпанија. Од најважните поместувања во рангирањето, Полска сега е 12-та и тоа и е најдобро место во историјата, а 12. место го дели со Велс. И двете селекции се пред Англија која е дури 24-та.