Бајрон Морено не е главниот креатор на осминафиналното сценарио од Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја, на кое по неколку судиски грешки настрадаа Италијанците. За тоа се погрижиле луѓе од ФИФА, а идејата била еден од домаќините да стигне што подалеку, пишува Газета дело Спорт.
„Организаторот не би дозволил никогаш елиминација на двете земји домаќини. Една требаше да се пласира до полуфинале поради економски и геополитички причини“, изјави агентот Ерик Мартинез од Лос Анџелес, кој работи на расчистување на овој случај.
На 18 јуни 2002 прво се одигра осминафиналниот меч меѓу Јапонија и Турција. Го судеше Пјерлуиџи Колина, а победи селекцијата на Турција. Според Газета која се повикува на документи на ФБИ, Кореанецот Монг Јун Чунг, еден од потпретседателите на ФИФА во тоа време, барал од Блатер да ја фаворизираат Јужна Кореја која тогаш ја предводеше Гус Хидинг.
Тогаш на сцена стапил Мохамед Гуезаз од Мароко, кој бил четврти судија на мечот и човек кој бил задолжен за да се извршат валканите работи. Мароканецот бил човек од доверба на Иса Хајат, претседател на африканската фудбалска конфедерација (ЦАФ) и собирач на гласови за Блатер на сите четири избори на кои победуваше.
Гуезаз не му вршел притисок само на Морено, туку и на помошниците Хорхе Раталино (Аргентина) и Ференц Зелеки (Унгарија). Морено му додели два жолти картони на Тоти, Раталино му поништи чист гол на Томази, а Зелеки не се сложил дека имало грубост врз Коко и Ди Ливио.
Планот за фаворизирање на Јужна Кореја продолжил и во четвртфиналето во кое Шпанија загуби на пенали. Тој меч го судел Египќанецот Гамал Гандур, а помошниците му биле од Уганда, Тринидад и Тобаго и Кувајт.
Сите федерации на овие земји го поддржуваа Блатер во кандидатурата, а Мајкл Рагунат судијата од Тринидад и Тобаго е сонародник со поранешниот потпретседател на ФИФА, Џек Варнер, кој го бара Интерпол.