Интерпол соопшти дека биле издадени таканаречените „црвени известувања“ за поранешниот потпретседател на ФИФА Џек Варнер од Тринидад и Тобаго, како и за поранешниот член на извршниот комитет на ФИФА Николас Леоз од Парагвај.
Заедно со уште четворица директори на корпорации се соочуваат со обвиненија за корупција и рекетирање. Аргентинците Алехандро Бурзако, браќата Хуго и Маријано Јинкис и Бразилецот Хозе Маргулиес се сомничат за плаќање на повеќе од 100 милиони долари за подмитување на медиумите и комерцијалните права на фудбалските турнири.
Варнер во моментов е ослободен со помош на кауција во Тринидад, а Леоз е во куќен притвор во Парагвај.
Издавањето на меѓународната потерница за овие шестмина се случува само еден ден по оставката на Сеп Блатер по што се очекува детална истрага за сомневањата дека Мундијалите во Русија 2018 и Катар 2022 се добиени со мито.
Швајцарските власти започнаа истрага за начинот на кои биле доделени овие Светски првенства, а претставници на федерации од цел свет бараат дополнително разгледување на гласовите, па дури некои од нив бараат и прегласување.
Кога Блатер синоќа го најави своето повлекување, претседателот на англиската фудбалска федерација, Грег Дајк рече: Јас да бев еден од организаторите на СП Катар, не би спиел мирно.
Реагираше и првиот човек на Фудбалската федерација на Австралија кој изјави дека доделувањето на Мундијалот не било чисто и дека Австралија никогаш немале шанса да го добие правото на домаќини.