Блатер даде оставка и се повлече

Само неколку дена откако го доби петтиот мандат да ја води ФИФА, Швајцарецот Сеп Блатер реши да се повлече од фунцкијата. Причината веројатно лежи во тоа што ФБИ спрема истрага и за неговото работење.

Голем пресврт во светската фудбалска федерација. Откако по големи притисоци по апсењата, минатиот петок беше реизбран за претседател на ФИФА, 79-годишниот Блатер одлучи да го напушти кормилото.
„Наскоро ќе свикам вонреден Конгрес на ФИФА на кој ќе биде избран мојот наследник. Јас уверувам дека нема да се кандидирам“, изјави Блатер на конференцијата за новинари.
Гардијан пренесува дека за сега уште не се јасни причините за неговата одлука, затоа што Блатер до вчера беше цврст во ставот дека само тој може да го врати угледот на ФИФА по корупцискиот скандал кој доведе до апсење на 14 функционери, но мотив за ваквиот пресврт би можела да е истрагата која ФБИ ја подготвува за неговото работење.
„Мојот нов мандат не го поддржаа сите. Најважен ми е интересот на ФИФА. Затоа и донесов ваква одлука. Потребно ни е ограничување на мандатот и овластувањата. За тоа се борев, за тие промени, но моите напори не дадоа резултати, затоа што не ги ценеа сите. Долго време размислував за својата кандидатура и за времето кое го минав во улогата претседател на ФИФА. На оваа организација, на чудесниот свет на фудбалот им дадов децении од својот жувот. Одлучив повторно да се кандидирам, затоа што мислев дека тоа е најдобро за фудбалот. Но, не мислеа сите така“, опширно зборуваше Блатер на конференцијата.
Веднаш стигнаа и реакции од многу страни. Се огласи и Мишел Платини, кој остро се противеше на новиот мандат на Платини.
„Тешка одлука беше, но храбра и права“, изјави Платини а пренесува БиБиСи.
Во меѓувреме Сеп Блатер изјави дека оставката ја поднесува затоа што ја нема целокупната поддршка од јавноста, но постои сомнеж дека се повлекол поради скандалот со апсењата. Швајцарскиот суд соопшти дека не води никаква истрага против претседателот во заминување.
 

Кој е Сеп Блатер?
 
Јозеф Сеп Блатер е роден во 1936. година во швајцарскиот град Висп. Дипломирал економија во Лозана, а во спортот влегува прво како генерален секретар во хокеарската федерација на Швајцарија. Во 1972. и 1976. година е вклучен во организацијата на Олимписките игри.
 
Од 1975. година влегува во ФИФА како технички директор, а шест години подоцна и како генерален секретар во светската фудбалска федерација. Од тогаш започнува неговиот продор во светскиот фудбал.
 
Претседател на ФИФА за прв пат станува во 1998. година, кога го наследува Жоао Авеланж, а противкандидат му беше угледниот Швеѓанец Ленарт Хохансон. Четири години подоцна го победува и претседателот на Африканската конфедерација (ЦАФ), Исо Хајату.
 
Во времето на владеењето на Блатер, фудбалот почна да се шири на сите континенти, со што Швајцарецот доби огромна поддршка од сите страни на светот. Тоа резултираше со негова единствена кандидатура во 2007. и 2011. година, кога немаше противкандидат.
 
Неговата најголема идеја беше да го рашири фудбалот на глобално ниво (пред сè во Азија и Африка), но и да ја зголеми борбата против расизмот. Сепак, за време на последниот мандат, Блатер го следеа многу контроверзи и финансиски малверзации. Се сомничи дека за пари им ја доделил организацијата на Светските првенства на Русија (2018-та) и на Катар (2022-ра).
2 јуни 2015 - 23:45