Една од незаборавните приказни од Мундијалите поврзана за Италија е судењето на еквадорскиот судија, Бајрон Морено, кој од анонимус стана познато и контроверзно име кое ги наполните насловните страници на светските медиуми.
Доби задача да го суди осминафиналниот меч меѓу Италија и домаќинот Јужна Кореја на Светското првенство во 2002 и на тој меч им стана ноќна мора на Италијанците.
Трапатони во напад располагаше со Дел Пјеро, Тоти, Виери и Инзаги кои беа во топ форма, а одбраната ја сочинуваа Малдини, Неста и Канаваро. Состав кој беше апсолутен фаворит и претендент за висок пласман.
Кореанците во групната фаза ги победија Полска и Португалија, а со САД одиграа нерешено. Потоа се надеваа на некакви шанси и за минување на осминафинале, каде поради повреди Италија играше без Неста и Канаваро.
Морено на стартот на мечот досуди пенал за домаќините, но тие го промашија, а потоа резултатот во 18 минута го отвори Кристијан Виери. Израмнувањето стигна на две минути до крајот кога Сол Ки Хен се избори за продолженија.
Тогаш на сцена стапи Морено кој најпрво и поништи чист гол на Италија кој го постигна Дамјано Томази и кој беше златен за победа, а потоа му додели и втор жолт картон на Тоти за глума, иако имаше прекршок. Еквадорецот реагираше како се да е ок, а Гатузо беше во состојба да го здроби од ќотек.
Познатиот италијански коментатор Бруно Пицул во преносот постапките на Морено ги нарече комплетен грабеж, Газета дело Спорт напиша дека тој е најлошиот судија во светот, а Трапатони отворено изјави дека зад контроверзното судење стои ФИФА која сакала да истурка еден од домаќините што понапред во нокаут фазата.
Италијанските медиуми потоа беа опседнати со неговата кариера која одеше во надолна линија. Морено беше залутан судија со докажан анти-талент или уште попрецизно лесно поткуплив.
По крајот на регуларните 90 минути на дуелот меѓу Лига Депортива Универзитариа ди Кито и Барселона Спортинг Клуб тој непотребно продолжи 6 минути. Тие станаа 13, а Кито успеа да постигне два гола. Морено по мечот беше суспендиран.
Сомнежите за продолжените 13 минути беа дека на тој начин се обидувал да влезе во градското собрание на градот Кито. Кога се вратил да суди, фудбалската федерација на Еквадор повторно го суспендирала со образложение дека на еден меч доделил три црвени картони, сите непотребно досудени.
Морено доби покана за гостување во тв емисија во Италија, ја прифати и беше исмејуван. Потоа се разведе и продолжи да живее со помлада жена.
Во 2010 година ја направи најголемата глупост кога патуваше на релација Кито – Њујорк. Кога слета во САД, на царина го забележале дека е сомнителен, бидејќи изгледал многу нервозно, но и подуено. Во гаќи му пронашле 10 кеси со хероин или поточно 6 килограми.
Американската полиција го уапси и првично се соочуваше со 10 годишна затворска казна. Адвокатот го бранеше со образложение дека имал насобрано многу долгови и морал да го направи најглупавиот избор. Тоа е да продава дрога и со парите да ги врати долговите. Морено доби 2 и пол годишна казна затвор.
Лежеше во Бруклин и за да заработи пари им ги пеглал алиштата на затворениците и организирал фудбалски натпревари. Чуварите издале сертификат за неговото добро однесување и Морено излегол од затвор за 26 месеци.
Кога во јавноста излезе веста дека Бајрон Морено е уапсен на аеродромот во Њујорк за шверц на дрога, Буфон изјави: Шест кила дрога? Тој ја имал уште во 2002-та, но не во гаќите туку во мозокот.