Во Фудбалската федерација на Македонија очигледно години наназад секој си тера по свое, односно кој како ќе седне на претседателската фотеља се однесува како да е газда.
Човекот кој сам си одреди месечна плата од 4.000 евра (6 години ја лапаше, а тоа се 288.000 евра) и против кој МВР пред две недели поднесе кривична пријава за даночно затајување и фалсификување или уништување деловни книги, си поднесе оставка пред 8 месеци.
Ама таму и натаму е и отсекогаш било распашана команда.
Имено, во недела во Охрид е закажано изборно собрание за претседател на ФФМ, функција која по заминувањето на Ѓорѓиоски ја врши Муамед Сејдини кој му беше заменик. Тој веројатно и официјално ќе добие четири годишен мандат, бидејќи други кандидати нема. Само Господ (ФФМ) знае зошто.
Е сега каде лежи зајакот во насловот?
Кога Илчо во јануари 2013-та станал претседател, било донесена одлука да се избере некаква си Комисија за избори составена од три члена.
Како стојат работите истата таа комисија е мадр факр во ФФМ и тоа 6 години. Одлучува во начинот на избор за делегати, членови на УО, претседател на ФФМ, а инаку највисок орган е Собранието кое излегува дека не го рецкаат 2%.
Токму поради таа комисија се одложи изборот за претседател на ФФМ кој беше закажан за 1 септември минатата година, со образложение дека сите кандидатури беа одбиени, со исклучок на Сашко Тасев (член на УО) кој потоа самиот се откажа.
И сега да поентираме за комисијава.
Мандатот на нивните членови е истечен (2013-2017) и тие не смејат да бидат реизбрани. Но, со одлука на Управниот одбор на ФФМ и потпис на Илчо, истите тројца членови добиваат мандат уште 4 години и плус им се приклучуваат уште нови двајца.
И сега тие луѓе кои се на истите позиции спротивно на статутот на ФФМ, четири години почнувајќи од 2017-ма носат и натаму ќе ги носат најголемите одлуки. Освен ако некој не ги спречи правно што би било чудо. Што мислите зошто?
Според пишувањата на Спорт 1, единствен суд кој може да ги оспори одлуките на комисијата е Управниот суд на Македонија, а знаете ли кој е таму претседател? Бурим Сејдини, истиот човек кој истовремено е член на Комисијата за избори на ФФМ. Јакичко а?