Феноменот Лукаку - дава голови и зборува осум јазици

Летово Интер направи рекорден трансфер откако на Манчестер Јунајтед му плати 65 милиони евра за центарфорот Ромелу Лукаку. Белгиецот освен што е расен стрелец, важи и за полиглот кој зборува осум јазици.

Репрезентативецот на Белгија одлично зборува француски, холандски, фламански (Ромелу тврди дека ова не е посебен јазик), англиски, лингала, португалски, германски и италијански.

ВО БЕЛГИЈА ЛЕСНО СЕ УЧАТ НЕКОЛКУ ЈАЗИЦИ: ПОЛА ЗЕМЈА ЗБОРУВА ХОЛАНДСКИ, ОСТАНАТИТЕ ФРАНЦУСКИ И ГЕРМАНСКИ

Ромелу Лукаку е роден во Белгија, каде ситуацијата со јазиците е многу измешана.

Мнозинството Белгијци живеат на фламанскиот север и зборуваат холандски (и фламански јазик), а останатите францсуки. Во помалку општини се зборува германски јазик. Целата јазична „чорба“ ја зачинуваат и емигрантите од Африка, кои зборуваат на свои јазици и дијалекти.

Благодарение на овој лингвистички микс меѓу Белгијците често има полиглоти. Во репрезентацијата на Белгија на пример по четири јазици зборуваат Венсан Компани (француски, холандски, англиски и германски) и Тибро Куртоа (француски, холандски, англиски и шпански).

Но секогаш има и друга страна, обратни примери се на пример Фелаини кој зборува само француски и не научил добро ни англиски (Рио Фердинанд во една прилика рекол дека англискиот на Маруан е најлошиот кој некогаш го слушнал).

Кевин Де Брујне зборува холандски, а Еден Азар француски јазик. Поради оваа комплексност, селекторот на Белгија Роберто Мартинез решил главен јазик во соблекувалната да биде неутрален - англискиот.

Центарфорот, кој во кариерата играше за Андерлехт, Челси, Вест Бромвич, Евертон, Манчестер Јунајтед, а сега е во Интер со мајка му и татко му зборувал на лингала (дијалект кој го користи дел од населението на Конго и некои африкански земји), во школо учел на холандски јазик, а во Андерлехт зборувал на француски и холандски.

Кога на 18 години направи трансфер во Англија тој одлично зборувал француски, холандски, фламански и англиски.

ПОРТУГАЛСКИ УЧЕЛ ОД БОСИНГВА И ДАВИД ЛУИЗ, А ИТАЛИЈАНСКИ ОД ТЕЛЕВИЗИЈА

Лукаку понекогаш се решавал да зема книги на друг јазик, со цел да го збогати својот речник. Тој никогаш не ангажирал репетитор (наставник) и не учел по шаблон. Обично зборувал отворено со странските соиграчи, ги памтел зборовите и изговорот.

Португалски (бразилска варијанта) почнал да учи во Андерлехт од соиграчите Кану и Рејналдо Силва. Заедно играле цели три години после кои Лукаку сосема добро разбирал португалски.

Овој јазик добро го совладал во Челси каде со Давид Луиз, Жозе Босингва и Вилијан инсистирал да му зборуваат на португалски.

Најинтересно е што италијански учел уште поедноставно, од телевизија. Неколку години тој ги гледал натпреварите на Лацио каде игра неговиот брат, левиот бек Џордан Лукаку. Белгиецот постојано гледал Sky Italia, ги слушал италијанските коментатори.

Познавањето многу странски јазици му помага и сега во Интер. Во средината на август тој ставил фотографија на социјалните мрежи на која е со Жоао Марио и Далберт. „Зборуваме мешан шпански, италијански и португалски“, напишал Ромелу.

Негова главна особина била одличната меморија. Памти речиси сè.

„Ромелу ме запрепасти. Многу го интересираше португалски јазик и побара од мене да му зборувам. Еднаш или два пати ќе му кажев како се вика нешто, и тој моментално запомнуваше“, се сеќава Босингва.

За неговата меморија говори и една неверојатна анегдота. Кога дошол на првиот тренинг на Евертон, Лукаку го видел Рос Баркли и му пришол: „Еј, другар, ние веќе се имаме сретнато. Се сеќаваш на турнирот за играчи до 13 години во 2006-та? Јас играв за Лирс а ти за Евертон“.

Рос не памтел ништо.

ВО ЕВЕРТОН ЗА ВРЕМЕ НА НАТПРЕВАРИТЕ ЗБОРУВАЛ СО СОИГРАЧ НА КОНГОАНСКИ ЈАЗИК, А ВО МАНЧЕСТЕР ИМ ПОМГАЛ НА БРАЗИЛЦИТЕ И ШПАНЦИТЕ

Лукаку постојано се служи со мултилингвалноста.

Еднаш во Евертон зборувал со соиграчот Јаник Болази на конгоански. Јаник е роден во Конго и зборува на лингала јазик. „Во лигата нема многу стопери кои разбираат лингала. Тој јазик многу брзо се изговара и тоа ни дава предност“, се фалел Боласи за тоа како се договарале со Лукаку.

Подоцна, на „Олд Трафорд“ Ромелу им помагал на Шпанците Мата, Де Хеа и Ерера и на Бразилецот Фред кога не разбирале нешто на англиски. За ова раскажа во интервјуто за Bleacher Report во 2018 година.

За време на Светското 2018, во четвртфиналето Белгија го совлада фаворитот Бразил, а после мечот Лукаку добил прашања од бразилските новинари и одговарал фантастично добро. „Од Босингва научив да зборувам, во Челси живеев во неговиот дом“:

Кога во едно интервју срамежливо прифатил да зборува португалски, многу луѓе од ова говорно подрачје рекле дека се импресионирани колку добро зборува Лукаку и дека е подобар од многу на кои овој јазик им е мајчин, меѓу кои и Мурињо:

На дебито во дресот на Интер во првото коло од Серија А против Лече постигна гол: