Ердоган го праќа Хакан Шуќур во затвор?

Поранешниот напаѓач на Галатасарај и Интер ќе биде процесуиран поради навреда упатена кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Шуќур негира, но неговата теза не е прифатена и се соочува со затворска казна.

Бикот од Босфорот во еден момент беше најдобар напаѓач во Европа. Играше за Торино, Интер и Парма, а се прослави во дресот на турската репрезентација. Сега ризикува 4-годишен затвор поради тоа што на Твитер го навредувал претседателот на Турција Ердоган.
 
Откако ја заврши кариерата во Галатасарај во 2008. година, Шуќур влегол во политичките води и во 2011. бил изгласан за пратеник во турскиот Парламент од партијата на Ердоган АКП. Во 2013-та се повлекол и ја напуштил партијата поради една истрага за корупција во која бил вмешан токму актуелниот шеф на државата и неговите најблиски соработници.
 
Шуќур се здружил со Фетулах Ѓулен, човек кој живее во САД и се смета за заколнат непријател на Ердоган. Шуќур во 2002. година го постигна најбрзиот гол во историјата на Светските првенства кога погоди после 11 секунди. На тој Мундијал Турција по заслуга на Шуќур го освои третото место.
 
Од декември лани се пресели во Калифорнија со семејството каде работи на отворање на фудбалска академија.