Епска снимка од мечот Манчестер Јунајтед - Барселона со Марадона

Во пресрет на вечерашниот мега-дуел од 1/16 финале на Лига Европа, се потсеќаме на едно култно четвртфинале на Куп на Куп победници на 7 март 1984-та, кога Барселона пред повеќе од 80.000 гледачи го пречекува Манчестер Јунајтед. После две недели на реваншот Брајан Робсон прави чудо.

Со Карлос Меноти на клупата, а Марадона, Виктор Муњоз, Бернд Шустер, Лобо Караско на теренот Барселона го пречекала Јунајтед предводен од Рон Аткинсон, Марк Хјуз, Брајан Робсон, Реј Вилкинс, Франк Стаплтон.

Со головите на Грем Хог (автогол) и страшниот еврогол на Хуан Карлос Рохо (погледнете го на видеото), Барселона слави голем триумф на „Камп Ноу“ и со голема предност оди на возвратниот дуел.

Но „Олд Трафорд“ низ историјата сведочел многу чудесни пресврти, па така и таа вечер на 21 март 1984-та видела како Манчестер Јунајтед предводен од Брајан Робсон кој дава два гола и еден на Стаплтон со 3:0 ја згромува Барселона и оди во следната рунда.

Големо славје на „театарот на соништата“ во Манчестер:

Вечерва со почеток од 18:45 Барселона го пречекува Јунајтед во првиот дуел од 1/16 финалето на Лига Европа. На „Камп Ноу“ се очекува полн стадион и добар фудбал.

16 февруари 2023 - 10:08