Енди Кинг - неопеаниот јунак од бајката Лестер

Најубавото поглавје од приказната на Лестер во освојување на титулата е она за јунакот за кој не се пишуваше и не се зборуваше кога сите ги истакнуваа најзаслужните за подвигот.

Иако со 58 постигнати голови и официјално е најефикасниот играч од средината на теренот во 132 години долгата историја на Лестер, клубот на кој верно му служи цели 12 години и беше клучен човек во долгиот марш од дното кон врвот, за него ретко кој знае нешто.
 
Знаеме речиси сè за Варди и Махрез, но што е со Енди Кинг, човекот кој цело време е тука уште од борбите против Херефорд и Питерборо во третата лига.
 
Стотина пати читавме дека шампионскиот Лестер е склопен од непознати играчи кои и малите клубови ги отфрлаа како недоволно добри, но ниту еднаш не прочитавме за оној кој цело време беше тука и знае како е да се игра за Лестер не само против Јунајтед, Ливерпул, Арсенал и Челси, туку и против Плимут, Стокпорт, Херефорд, Питерборо.
 
Енди Кинг (27) неколку пати падна обидувајќи се да се качи, но никогаш не се предаде затоа што за него немало скокни одделение за да стигнеш од League One до Лигата на шампионите. По овој трнлив пат, Енди доживеал многу разочарувања и неуспеси, но не кренал раце.

Дете е на Челси кој не му укажал доверба на 15 години, по што Кинг барал нова младинска школа и во еден момент се нашол на терените на Лестеровата академија. Навивачите на Лестер купуваат постери, дресови, слики и маици од Махрез и Варди, но никој не заборава на играчот од средината кој даваше повеќе голови од напаѓачите.
 
Првиот професионален договор, Енди Кинг го потпишал пред 9 години, период во кој одбива да оди на позајмица но и кога за добредојде во светот на професионалците добива испаѓање на Лестер во третата лига - League One.
 
Но веќе во првата сезона во оваа дивизија, Енди одигра сјајно и со 11 голови беше главен адут во експресното враќање во втората лига каде во следните две сезони 2009/2010 и 2010/2011 ќе даде дури 27 голови, што е крајно ретко за играч од средниот ред.

Лисиците тие години никако не стигнаа до шестото место во втората лига и плејофот за пласман во елитата, што конечно им успеа во 2013. година. Кинг влесна на полуфиналните средби против Ватфорд, но Лестер за жал испадна со гол во судиското продолжение во реваншот и Ватфорд се пласираше во Премиер.
 
Кој чека ќе дочека му се случи на Кинг во сезоната 2013/2014 кога со неговиот гол против Виган стана најефикасен играч од средината на теренот во историјата на Лестер. Пред точно 2 годии Лестер во голем стил влезе во Премиер лигата како лидер во Чемпионшип. На 26 години Кинг првпат имаше можност да дебитира во најдобрата лига. Лани настапи на 27 меча и беше најзаслужен за бегството на Лестер од дното во сигурните води на опстанок.
 
На почетокот на оваа сезона 2015/2016, новиот тренер Клаудио Раниери реши да го спои Кинг со Дени Дринквотер, но наскоро Кинг го загуби местото од нереалниот Н’Голо Канте за кого сега се тепаат великаните (ПСЖ сериозно загризал).
 
Без разлика на тоа што влегуваше повеќе како резерва, Енди Кинг влезе во историјата како првиот фудбалер што успеал да ги освои титулите во англиските трета (2009), втора (2014) и прва лига (2016).
„Мислев дека доживеав сè со овој клуб, но никогаш не помислив дека ќе го доживеам ова. Тешко е да се опише со зборови ова што го чуствувам“, низ солзи раскажува јунакот на индустрискиот град.
Скромниот човек-Лестер, симболот на овој клуб ја заслужи титулава можеби најмногу од сите после сè низ што поминал во синиот дрес. Воедно Енди Кинг стана и четвртиот Велшанец во историјата што ја освоил Премиер лигата.