Мечот меѓу Беневенто и Лацио сезонава донесе дуел меѓу браќата Пипо и Симоне Инѕаги, ама тренерски, а кратко време потоа, во центарот на вниманието е новото братско соочување, овој пат меѓу Лоренцо и Роберто. Првиот славен напаѓач од Наполи, вториот малку познат играч од нападот на Беневенто.
За приказната да биде повозбудлива и двајцата успеаа да постигна гол, а на крајот Наполи ја оправда фаворитската улога и славеше 1:2 со голот на Петања.
Најемотивниот момент на средбата се случи во 30-та минута кога домаќините го отворија резултатот со голот на Роберто Инсиње, кого го совладаа емоции и во солзи легна на терен и се држеше за лицето.
Причината за тоа е што 26 годишниот напаѓач потекнува од овој клуб, но за прв тим има само два настапи под водство на Валтер Мацари. Дебитираше во 2012-та во Лига Европа против ПСВ, а вториот меч му е во Серија А против Палермо.
Потоа Наполитанците го испраќаа на позајмици во Перуџа, Реџина, Авелино, Латино и Парма, а од 2018/2019 е во Беневенто на кој му помогна сезонава да влезе во прва лига. Тој синоќа го постигна деби голот во Серија А.
За разлика од него, а Лоренцо го прослави јубилејниот 100-ти во дресот на Наполи на 92 настапи и тоа со еврогол. И тој потекнува од овој клуб, каде е член веќе 10 години.
„Среќен сум поради резултатот и затоа што брат ми имаше добар настап, големи пофалби за него. Му кажав дека мојот гол е подобар од неговиот. Шегата настрана, се гушнавме и ова е емотивен ден за нашата фамилија. Му кажав дека дадов гол со неговата нога, левата“, изјави Лоренцо кој е три години постар од брат му.
Инаку само втор пат во историјата на италијанскиот фудбал се случува двајца браќа да бидат стрелци на ист натпревар. Први се Ференц и Истван Ниерш на мечот Интер – Лацио одигран во 1949-та година.
Од другите познати браќа кои во ист период настапуваа во ист период на чизмата, се Франко и Џузепе Барези, Фабио и Паоло Канаваро, Филипо и Симоне Инѕаги, Кристијано и Алесандро Лукарели, Себастијан и Николас Фреј.