
Вечерва продолжува Лига на шампиони, најатрактивниот фудбал во Европа. И вечерва и утре има по два дуели. Елиф Елмас со Ред Бул Лајпциг го пречекува големиот Реал Мадрид, а во главниот град на Данска гостува Манчестер Сити на Пеп Гвардиола.
Елиф Елмас на почетокот на зимскиот преоден рок, на стартот на јануари замина од Наполи и потпиша договор со Ред Бул Лајпциг. Елиф на сите натпревари досега во новиот тим влегуваше од клупата за резерви. По освоеното шампионско скудето со Наполи, вечерва го чека мегдан со Реал Мадрид во Лига на шампиони.
Елмас дал интервју за шпанска Марка. Го пренесуваме во целост.
Како е да се смени неаполското сонце со германска зима?
„Малку потешко. Тешко е да се направи преселба на зима. Поминав пет спектакуларни години во Неапол. И заминав по освоено Скудето. Одбрав јак победнички тим, секому познат кој игра секогаш во Лига на шампиони... А пред се затоа што многу работи со млади играчи и гледа на иднината“.
Пред да дојдеме до Лајпциг, како беше да се освои Скудето со Наполи?
„Нешто што не може да се објасни, навистина. Да се победува со Наполи секогаш е многу тешко. Тоа е град со луѓе со врела крв, вљубени во фудбалот и во својот клуб. Тоа е нешто што само може да се доживее. Имав среќа на своја кожа да го осетам тоа чувство. Неапол и неговите луѓе секогаш ќе бидат во моето срце“.
И сега направи радикална промена: на исхрана, на распоред, начин на разбирање на животот...
„Апсолутно. Неапол е прекрасен, сончев, има море, живот на улиците... Германија е малку постудена (се смее), но се навикнувам. Лајпциг е мал но многу убав. И многу чист. Германците се поточни, попрецизни. Се навикнувам лека-полека“.
Зборуваш германски?
„Не баш. Го учам. Кажувам по нешто, но се надевам дека за неколку месеци ќе можам да го зборувам.“
Дали е Бундеслига таква како што си ја замислувал?
„Како кога ја гледав на телевизија. Се игра отворено, со повеќе простор. Кога играте не е лесно. Многу интензитет има, многу простор. Фудбалот е помалку тактичен отколку во Италија, секогаш се игра под висок притисок. Мора да се навикнете на директна игра, директени акции, втори топки, со помал посед. Се игра физички појак фудбал од Италија. Трчаат многу, интензитетот е многу висок“.
А амбиентот?
„Овде секогаш се игра на преполни стадиони пред околу 50.000 луѓе. Атмосферата е поинаква од онаа во Неапол но се создава извонреден амбиент. Се ужива од теренот. Ги гледаат натпреварите, уживаат во нив. Сакаат отворени, брзи, возбудливи натпревари....
Доаѓате од Истанбул и Неапол...
„Да речеме дека овде е малку помирно (се смее). Овде те оставаат да живееш. Може да излезеш безбедно. Ми се допаѓа зошто после седум години во Истанбул и Неапол не беше лесно да се отиде било каде. Овде живеам тивко, мирно, не читам ништо. Многу сум среќен“.
Што најмногу те изненади во РБ Лајпциг?
„Младоста. Меѓу играчите, меѓу тренерите... Овде се е на услуга на играчот. Нашата игра е директна, интензивна, забавна. Екипата е млада, расте и е гладна. И тоа многу ми помага“.
Како ќе игра екипата против Реал Мадрид?
„Минуваме низ еден тежок период, но стануваме се подобри. Повторно победивме (после серија порази) и тоа ни дава самодоверба да му се спротивставиме на еден од најдобрите тимови на светот. Ќе биде тешко, тоа не треба ни да ни го каже некој“.
Што научивте од двата дуели против Реал Мадрид со Наполи во групна фаза (сезонава Елмас играше за Наполи против Реал во групата)?
„Уфффф! Кога играш против Мадрид учиш многу работи. Сите тие играчи се толку интелегентни, експерти во својата работа. Како да не научиш од Модриќ и Крос?! Секој фудбалер што игра во Реал Мадрид има неверојатна самодоверба. Друго ниво се во светскиот фудбал. Против нив секогаш мора да дадете нешто повеќе од нив, а тоа не е лесно. Но ќе видиме што ќе се случува. Секогаш напаѓаат, со многу комплетни играчи на секој дел од теренот. Ќе биде многу тешко! Но и нашиот интензитет со кој влегуваме во натпреварот нема да им биде лесен“.
Што би му кажале на тренерот: „Мора да пазиме многу на ова и она?“
„Различни сценарија се. Наполи е тим кој сака да има топка. Нивниот пресинг е поинаков од нашиот. Овде Мадрид нема пет минути да има мир. Пресингот е се поголем и поголем. Тренерот ни кажа дека ништо не смее да запоставиме. Нивното ниво (на Реал) на самодоверба ме импресионира. Затоа за минута можат да ја свртат секоја утакмица“.
Може ли да се смени дискурсот дека Реал Мадрид е голем фаворит?
„А против кого не е фаворит Мадрид? Секогаш е фаворит. Но во современиот фудбал се случуваат незамисливи работи. Не победува секогаш фаворитот. Затоа веруваме дека можеме. Ние сме екипа која секогаш оди на победа. Треба само да се пратат упатствата од тренерот: одите на 100% цело време“.
Што губи Мадрид со отсуството на Белингем? Што ви остави најголем впечаток од дуелите со Англичанецот во Наполи?
„Некој со 20 години кој игра како ветеран од 30. Како ја прима топката, како се движи... Импресивен е. Го гледаш на телевизија и мислиш дека овој е од оние што не трчаат. Но кога си со него на терен не можеш да замислиш колку трча за екипата и се брани. Станува па наеднаш сфаќате дека веќе се вратил да се брани позади. Тоа го прави поинаков. Со топка е одличен. Има совршен тајминг во завршниот дел од теренот, било како лажна 9-ка било како крило... Не може да има 20 години“.
И плус не прекинува да дава голови...
„Секогаш дава голови зошто има мотор кој многу други го немаат. Тој е во дефанзивна фаза и те шокира како успеал да стигне до вашиот гол. Топката секогаш му легнува и секогаш ја става во гол“.
Белингем, Крос, Винисиус, Модриќ... Кого би одбрал?
„Сите се неверојатни но јас сум од Балканот. Бирам од срце: Лука Модриќ. Неговата неверојатна историја со Реал Мадрид и Хрватска. Златна Топка доби. Не велам дека другите не се исто толку добри, но мој фаворит е Лука. Многу значи за луѓето од Балканот. За мене е број еден во цела поранешна Југославија“.
Имаш негов дрес?
„Секако! Имам.“
Со кого би сакал сега да смениш дрес?
„Ми се допаѓа многу Мадрид. Би се сменил со Белингем (не игра вечерва во Лајпциг), Винисиус или играчот што многу ми се допаѓа: Родриго. Ме импресионира. Игра како центарфор а е многу мал и многу брз. Бега зад линиите, се воигрува, оди на двете крила и дава голови. Нападот на Мадрид е импресивен. Може ли да истакнам уште некој“?
Секако!
„Арда Ѓулер. Да не го заборавиме него. Не се најдов со него во Фенербахче, но гледав многу нивни натпревари зошто таму пораснав и многу ми значат. Тоа е еден од моите домови. Секогаш навивам за Фенербахче. Арда е многу млад но веќе има искуство. Се надевам дека следните години ќе биде еден од најдобрите во Реал Мадрид и во светот. Ѓулер ќе биде еден од најдобрите“.
Се забележува дека ти се допаѓа Реал Мадрид...
„Ми се допаѓа Мадрид, да“.
Да се вратиме на Лајпциг. Колку значи враќањето на Орбан и Гулакси?
„Многу, зошто се многу искусни играчи и важни се за екипата.
А Дани Олмо?
„Го знам одамна, множеби од 2017-та. Јас бев 6-ка во Фенербахче а Дани 10-ка во Динамо Загреб. Си го сменивме дресот. Голем играч е и може да игра за најголемите тимови. Што подолго е со нас, подобро за нас“.
Привршуваме. Колку те импресионира Сантијаго Бернабеу?
„Да, апсолутно ме импресионира. Излегуваш на терен и чувствуваш многу емоции. Прекрасен стадион со богата историја. Замислуваш дека тука играле Зидан, Кристијано, Роналдо, Фиго, Раул... Легенди. Некогаш ќе можеш да му кажеш на твоето дете дека еден ден си играл на Бернабеу. Тоа е нешто што не се заборава“.
Како би ги објаснил пресвртите?
„Ве уверувам дека за да го објасните треба да го доживеете. Не се објаснува. Толку пати сум ги гледал на телевизија. Погледнете и тоа против какви екипи: Манчестер Сити, Челси, ПСЖ со Мбапе, Нејмар и Меси. Тоа останува врежано во вашето сеќавање, во вашето срце. Си викам на себеси: гледав историја. Таа не може да се заборави“.
Што би правел ако РБ Лајпциг го помине четвртфиналето?
„Ништо! Би бил многу среќен и би мислел на полуфинале“.