„Еден гол може да смени кариера, а мене ми смени живот“ - легендарниот Паоло Роси

Италијанците ги обожуваа Барези, Баџо, Малдини, Тоти и Неста, но посебна љубов гаеле кон легендарниот центарфор кој од затвор отиде на Мундијал и како најдобар играч се врати со злато во татковината.

На 9 декември почина легендарниот италијански центарфор Паоло Роси, човекот кој на својата земја ѝ донесе огромна радост на Светско првенство.

Паоло Роси не бил волшебник со топка. Тој не ја пробивал одбраната со непредвидливи потези. Не бил ни Омар Сивори ни Тоти. Но Италија со посебна тага го испрати во вечноста.

РОСИ БИЛ ПРВА МОБИЛНА ДЕВЕТКА, 2 ГОДИНИ ПО ЗЛАТОТО НА СВЕТСКО СТАНАЛ НАЈСКАП ИГРАЧ НА СВЕТОТ

„Немав атлетска градба за улогата која што ја играв, па бев принуден да развијам други навики. Ја усовршив играта без топка“, раскажал Паоло во едно скорешно интервју за Ultimo Uomo.

Роси никогаш не стоел во место како класичен центарфор, туку барал подобра позиција во зависност од тоа каде движи топката.

„Тренинзите многу значат, но 80% зависи од инстинктот. Тоа што го вежбаш на тренинг ти влегува во меморија и само го повторуваш. Но инстинктот е најважен“, рекол Роси.

Тој бил своевидена најава за Пипо Инзаги, но за разлика од него, Роси бил корисен и надвор од шеснаесетникот.

„Роси имаше редок талент, многу порано од бековите знаеше да ја познае траекторијата на топата. Не беше себичен тенк кој мрзливо се паркира во шеснаесетник и чека кога ќе му наместат шанса. Роси цело време беше во движење, учествуваше во играта, ги поддржуваше другите линии и помагаше да се гради напад“, се сеќава Анџело Кароли, новинар-современик на Паоло.

ПОЧНАЛ ВО ЈУВЕ, ПА СЕ ПРОСЛАВИЛ ВО ВИЧЕНЦА

На 16 години малиот Паоло Роси стигнал во големиот Јувентус но три пати во четири години го повредувал менискусот и го отпуштиле.

На 20 години почнал од нула во Виченца. Во првата сезона станал најдобар стрелец во Серија Б. А во втората сезона бил најдобар бомбардер во Серија А. Во првите две години сериозна кариера постигнал повеќе од 50 гола. Италијанскиот фудбал се воодушевувал од новата ѕвезда.

Во 1978-ма година пола од правата на неговиот договор ги имал Јувентус, а пола Виченца. Јуве сакал да го врати во Торино, но Виченца не попуштала па избил спор.

Федерацијата смислила начин: претседателите на двата клуба да испратат понуда за Роси во затворени коверти кои се отворале во Италијанската куќа на фудбалот. Правата на Паоло ги добил оној кој понудил повеќе.

Виченца предложила 2,63 милијарди лири за половина права, а на крајот цената на Роси скокнала до 6 милиони долари па 22-годишниот Паоло станал најскап играч на светот. Јохан Кројф во тоа време чинел пет пати помалку.

„Се испостави дека јас бев првиот подвижен и брз центарфор кој ја градеше играта на инстинкт и техниа. На секунда пред да ја примам топката веќе знаев што да правам со неа“, раскажувал Роси

 Огромните суми ја потресле Италија. Трансферот на Паоло Роси го пренесувале на телевизија, за него зборувале најголемите поп ѕвезди. Во тој период избил и сериозен политички скандал. Претседателот на Федерацијата Франко Караро го смениле поради малверзации.

На Светското првенство во Аргентина 1978 Роси постигнал 3 гола на 7 меча и бил најдобар стрелец на Италија). „Имате ли претстава колкави пари нудат за вас?!“, го прашувале новинарите.

Претседателот на Виченца Џузепе Фарина еднаш рекол: „Фудбалот е уметност, а Роси во него е Мона Лиза. Кога ја гледате Мона Лиза не прашувате колку чини“.

ФРЛИЛ ДАМКА НА КАРИЕРАТА ОТКАКО ГО ОБВИНИЛЕ ДЕКА УЧЕСТВУВАЛ ВО МЕСТЕЊЕ НАТПРЕВАРИ ПА ГО ОСУДИЛЕ БЕЗ МНОГУ ДОКАЗИ

Откако Виченца испаднала во Серија Б, Роси отишол на позајмица во Перуџа. Тоа била една од првите позајмици на 1 година во италијанскиот фудбал па претседателот на Перуџа Франко Д'Атома направил револуција во фудбалот.

Д'Атома бил и меѓу првите кои ставил спонзор на дресовите (фабрика за макарони). Тогаш било права реткост да се има генерален спонзор. 

Но на челниците на Лигата не им се допаднала генијалноста на новиот комерцијален бран па забраниле огласување на дресови. Но Д'Атома се извлекол. Фабриката за макарони отворила и текстилно одделение каде се шиеле новите дресови, а Перуџа им ги продала правата на заработка од продажба.

После пола година во Перуџа, новиот фудбалер во екипата Мауро Дела Мартира го запознал Роси со неговите пријатели.

„Еден од нив со римски акцент ме праша: „Што мислиш за недела?“. Му одговорив едноставно: „Победуваме“. А тој ми кажа: „А што ако биде нерешено? Имаме наши играчи во другиот тим кои мислат дека нерешено ќе биде добро за сите. Може и ти да дадеш два гола“. Не ми се допадна тој разговор. Не ми влеваа сигурност, помуабетив со Мауро и се вратив кај соиграчите. Тие две минути станаа најмачни за мојата кариера“.

Но мачењето допрва следело. Таа недела Роси стварно дал два гола против Авелино а мечот завршил 2:2. На крајот од сезоната 1979/1980 го обвиниле за местење. Неговите оправданија никој не ги слушал

Била откриена голема криминална мрежа и навивачите барале „лов на глави“ меѓу играчите.

Милан и Лацио биле исфрлени од Серија А. Двајцата матни типови со кои зборувал Роси го обвиниле него. Судот немал докази но полицијата решила да го приведе. Го осудиле на 2 години затвор и 3 години суспензија. 

Италија не била фаворит за светско злато на Мундијалот 1982, но на Паоло Роси му ја прифатиле жалбата и тој се вратил година дена порано во фудбалот. До Светското имало половина месец. Јасно било дека Паоло тешко ќе влезе во форма после две години надвор од игра, но селекторот Енцо Беарцот мислел поинаку:

„Никогаш не сомневав дека е невин. И претходно одлучив дека ќе го водам на турнир ако го пуштат. Паоло беше најдобар играч на свет. Знаев дека може да освои Светско“.

Италија слабо го почнала Светското и едвај поминала во втора групна фаза. Роси не дал ниеден гол. Неговата серија без погодок во репрезентација стигнала до цели 15 часа фудбал!

Во полуфинале ги водела само победа но од спротива ги чекал страшниот Бразил. Јавноста и навивачите барале селекторот да се откаже од Роси во прв тим, но Беарцот не читал весници.

Вечерта пред мечот отишол кај Роси и 40 минути разговарал со него за кубизам и надреализам, со цел да го опушти да не мисли на фудбал. Планот успеал: во 5' минута сјајниот напаѓач му побегнал на Жуниор и дал гол.

„Првиот гол беше решавачки, тој ми ја врати самодовербата. После него ништо не можеше да ме спречи. Се одеше лесно. Понекогаш гол може да смени меч, но во мојот случај ми го смени животот“, раскажал херојот на Италија која го урна Бразил со 3:2 благодарение на хет-трикот на Паоло Роси.

Италија влезе во полуфинале. Таму Роси одново ја фрлил во еуфорија цела Италија со два гола против Полска, а после во финалето го отворил резултатот. Италија стана светски првак а Роси најдобар стрелец на Светското. Истата година, зимата му дале „Златна топка“.

„Победата над Бразил создаде посебна аура околу нас“, рекол Роси кој бил најдобар играч во финалето против Германија. 

ИТАЛИЈАНЦИТЕ ГО САКАЛЕ И ГО САКААТ, ЈА ВРАТИЛ НАДЕЖТА НА ЗЕМЈАТА

Седум години откако ја завршил кариерата Паоло Роси слетал во Бразил на аматерскиот Куп Пеле. Таксистот го познал и го избркал од кола поради големата болка која им ја нанесе на Светско првенство.

35.000 гледачи на стадионот додека играл скандирале „Паљачо, паљачо!“. Го гаѓале со монети, со ореви и со банани, па решил да не игра во второ полувреме. Во летото 1982 кога Италија играла на фамозното Светско, во земјата комунистите и фашистите воделе крвави борби. За да стигнат на власт биле формирани повеќе од 215 борбени групации.

Почнала и партизанска граѓанска војна - се апселе политичари, се напаѓале локали, универзитети, плоштади. Мафијата ја освоила улицата, стотици луѓе загинале.

„Светското 1982 се разликува од другите. Успехот не е само на екипата, туку на сите. Италија само што излезе од црните '70-те години, едвај се помири со загубата на Моро (поранешен министер кого „Црвените бригади“ го убиле заедно со пет телохранители). Светското првенство стана зрак на оптимизам и шанса за искупување. Затоа тој триумф е уникатен“.

Кариерата ја завршил на 31 година. Одиграл 9 сезони професионален фудбал. Мишел Платини еднаш раскажал дека Роси играл практично без менискус во коленото. Најдобрите години место на терен ги поминал во затвор и на кревет.

Не бил чудо од играч, но за неколку години кои ги поминал на терен направил толку за што на најголемите напаѓачи не би можеле за два животи.