„Го масирав и загревав Диего два часа пред мечот“, рекол легендарниот масер на Наполи, Салваторе Кармандо по хуманитарниот меч за собирање средства за настраданите од катастрофалниот земјотрес во италијанскиот град Аматриче кој се одигра на Олимпико.
Уште подебел од што сме навикнати да го гледаме, Марадона во четвртокот даде еден гол и еден намести и тоа не на било кој, туку на Франческо Тоти. На „Натпреварот за мир“ играа уште и Роналдињо, Мануел Руи Коста, Хернан Креспо, Кафу, Верон, Роберт Пирес.
„Сега можам да се пензионирам. Играв со Марадона“, се насмеал Тоти пред новинарите на Олимпико.
Овој меч дошол како апереитив пред саботното мега дерби меѓу Наполи и Рома на Сан Паоло. Марадона во разговор со новинарите не одговорил за кого навива меѓу Рома и Лацио иако трчал во базата на „Бјанкочелестите“ а потоа ја испеал и химната на Лацио. „Не сакам да го налутам Тоти, не кажувајте“, им рекол.
Како поранешен играч на Наполи каде лежи неговата верност, El Diez уште не можел да ја сфати одлуката на Гонзало Игуаин да замине во Јувентус. Марадона имал иста таква можност, но одбил.
„Џани Ањели ме третираше како да сум убава девојка. Ми се јавуваше цело време, ми ветуваше луда пара. Ми кажа дека му понудил 100 милијарди лири на Наполи и дека мене ќе ми даде бланко чек да дојдам во Јувентус. Му кажав дека не можам да го сторам тоа поради луѓето од Неапол, никогаш не можев да носам друг дрес во Италија освен на Наполи. Му реков: ’Адвокате, секако дека ве почитувам, само ќе се срамам што ќе мора да ја напуштам Италија веднаш затоа што после таков договор ќе ме убијат навивачите“.
Сериозната повреда на лигаментите на замената на Игуаин, Аркадиуш Милик кој се повредил на меч за Полска во квалификациите значи дека тој нема да игра во следните пет месеци и тоа е голем удар за Наполи.
После ова кредитите на Наполи во борбата за титулата опаѓаат затоа што Полјакот ги надмине сите очекувања во Фуориџота и ги натера навивачите да заборавата на Пипита со тоа што даде 8 гола на првите 9 меча.
Маноло Габјадини е неповерлива опција за нападот на Наполи. Иако минатата година само Игуаин и Тоти имаа подобар учинок во гол-по-минути од него, Бергамашот кој беше оставен на трибините против Македонија на „Градски“ (мерки преземени од неговиот клуб за да го сочуваат), Маноло уште нема доверба кај тренерот Сари.
Откако го купија Милик летово, Неаполитанците тргнаа и по Мауро Икарди и Никола Калиниќ. Како да заборавија дека во составот имаат италијански репрезентативец. Неделава се зборуваше дека би можеле да го ангажираат Мирослав Клосе кој е слободен агент и експериментирале со Дрис Мертенс како лажна деветка на тренинг.
Како наследството од 36-рекордни гола на Игуаин лани
да не беше доволно, па Габјадини сега има уште поголем товар на грбот во околности на повреда на Милик. Од друга страна, напаѓачот кој го имаше целиот товар лани, Един Џеко беше големо разочарување минатата сезона. 30-годишниот Босанец поради слабата форма 7 од последните 10 меча лани ги почна од клупата.
Рома го купи за 15 милиони евра, така што летово добил нова диета, сесија со психолог и дополнителни тренинзи. И Џеко прогледа и сезонава даде шест гола на седум меча. За толку погодоци лани му требаше 21 натпревар во Серија А.
Рома повеќе внимание посветува на одбраната каде повредениот Рудигер ќе го замени еден од Фацио,, Вермален или Хуан Жезуз. Триумфот од 2:1 против Интер ја потсети Рома за што е способна, особено партијата од првото полувреме.
По саботниот дуел Наполи - Рома ќе дознаеме кој тим е способен до крај да ја трча трката Анти-Јувентус. Тренерот на Наполи, Маурицио Сари искусно изјавил: ’Јувентус е на друго ниво. Никогаш не помислувам дека Наполи може да се бори со нив за титулата’, го тргнал товарот од своите играчи тренерот Сари.