За само пет меча од стартот на сезоната, Милик постигна шест гола. За исто време од почетокот во Наполи на времето, Игуаин постигна 4 гола. Време е да дознаеме од каде доаѓа новата ѕвезда на италијанскиот фудбал.
Кога татко му доаѓал дома трезен, за семејството тоа било празник. Таткото на Милик постојано пиел со непознати улични алкохоличари, а после неколку години катастрофален живот ја напуштил фамилијата. Никој не знаел каде живее.
На крајот починал кога Аркадиуш имал шест години. Целата одговорност за двете деца (Милик има 8 години постар брат) останала на мајка му. Таа се грижела да има доволно пари за храна, работела и по 12 часа дневно. Без родителско внимание и морални смерници, Аркадиуш лутал по градот Тихи.
Станал проблематичен, почнал да пуши цигари и од локалните продавници крадел касети, слатки, чоколада. „Тоа беше патологија“, се присети Милик пред пар години на тој период.
ТРЕНЕРОТ ВО УЛОГА НА ТАТКО
Духовниот пад можел да биде застрашувачки ако Милик не се сретнал со еден фудбалски тренер. Аркадиуш често шутирал на улицата со брат му а неговиот шут многу сакал да го гледа Славомир Могилан, развоен тренер во главниот град на покраината, Катовице. Славомир живеел врата до нив и знаел за тешкотиите во семејството Милик, но не можел да помогне: во најблиската фудбалска екипа во градот немало категорија за негова возраст.
Но мајката на Аркадиуш го замолила комшијата да го тргне малиот од хулиганскиот пат и на крајот го пуштиле да тренира со постари деца родени 1991. година. Аркадиуш е роден на 28. февруари 1994. година.
Аркадиуш и Славомир се согласувале многу добро и покрај разликата од 16 години. Биле ангажирани во локалното школо да држат тренинзи, преку викенд го вежбале шутот на Милик и заедно поминале цели 11 години пред да стане професионален фудбалер на 17 години.
„Тоа е тренерот и човекот на кој многу му должам. Не многу, туку сè. Тој ме спаси, ме извлече од лошо друштво, ме направи поинаков човек. Благодарение на Славомир јас се вљубив во фудбалот“, раскажува Аркадиуш.
Кога на Могилан му велат дека тој го пораснал Милик и успешно го заменил неговиот покоен татко, тој само се насмевнува благо: „Јас само учествував во неговиот живот. За успехот е заслужен тој сам“.
Милик брзо станал најдобар стрелец на сите јуниорски турнири а на 17 години го викнале во Тотенхем. Но тој уште не бил спремен на долго да се одвои од мајка му и брат му, така што останал дома. Активно го барале и од „Горник“ каде што работел сегашниот селектор на Полска, Адам Навалка.
Патот кон големите клубови му бил отворен. Аркадиуш почнал солидно да заработува и да биде поддршка на домашните. Во еден момент во Горник тешко давал голови, испаднал од комбинација за тимот и изгледал неуверливо, но Навалка не обрнувал внимание на тоа и продолжил да му верува. Невозможно е да се замисли некој друг тренер кој би истрпел толку долг голгетерски пост (17 меча по ред Милик не дал гол) и кој не би подлегнал на притисок на пулбиката која веќе свирела и го нарекувала Милик „бескорисно дете“ кое треба да седи на клупата.
Навалка се однесувал многу љубезно со Аркадиуш: го прашувал дали дома му е сè во ред, што јаде навечер, дали оди на забар, како се неговите. Кога Милик признал дека неколку години не припарил на забар, тренерот се налутил: „Таква негрижа може да доведе до воспаление во организмот. Веднаш да си отишол на прием кај најдобриот специјалист, еве ти негов број“, му напишал на ливче адреса од својот пријател тренерот на Милик, а денес селектор.
За пола година, Милик постигна 11 голови после што Баер Леверкузен реши да го купи. Горник за него заработил сосема пристојни 2,6 милиони евра.
Во Германија Милик не се снајде на почетокот. Според скаутот Артур Платек, кој работел во Борусија Дортмунд, проблемот наводно не бил во адаптацијата, туку во ограниченоста на напаѓаот: „Многу зависи од левата нога. Кога ќе ја прими топката сите знаеа кај ќе тргне, нормално на лево. Стана жртва на одбранбените фудбалери во Бундеслигата. Стана предвидлив“. Покрај тоа Полјакот имал и проблеми со тренерот Сами Хипија.
БЕРГКАМП ГО НАПРАВИЛ ИГРАЧ
Во првенството Милик дал само два гола а кога Ајакс решил да го позајми по неговата авантура како позајмен играч во Аузгбург, навивачите биле скептични. Амстердам бил во шок дека тимот довел играч кој дал само два гола за Аузгбург. Но не поминало многу а Полјакот почнал индивидуално да работи со големиот Денис Бергкамп.
„Има уникатна лева нога, има силен и прецизен шут. Долго време забележував дека можа да шутира од било каде дури и кога е опколен од повеќе играчи. На теренот цело време се движеше во потрага по простор. Но главниот проблем беше десната нога“.
Бергкамп почнал да му брани да шутира со левата и упорно инсистирал на тоа почесто да ја користи и десната нога, така што младиот Аркадиуш брзо станал универзален напаѓач.
„Можноста од блиску да соработувам со Бергкамп е подарок. Шутиравме на гол, работевме на техниката, на контрола на топката. Денис ми даде многу совети и многу влијаеше на мојата игра“, вели Милик, сега веќе ѕвезда на италијанскиот фудбал.
Во Ајакс Милик ги потсети навивачите на Златан Ибрахимовиќ. Постигна неверојатни 21 гол на 31 меч и на „Копјаниците“ им беше тешко да ги одбијат раскошните понуди за него.
РОНАЛДО ОРИЕНТИР
„Пред неколку години се обидував многу да учам од Кристијано Роналдо. Мора да имаме инспирација во фудбалот. Во младоста сакав да играм како крило, да имам повеќе простор да трчам со топката. Ми викаа дека тоа е стилот на Кристијано Роналдо. Но со тек на време сфатив дека покорисен сум во централниот напад, а не на крило. Така ја сменив мојата игра“, се сеќава Милик кој е новиот јунак во градот под Везувот.