Дуел на титаните Милан и Барселона

Вечерва ќе се одигра најатрактивниот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампиони. Шампионот на Италија ќе го пречека бранителот на титулата од најелитното европско клупско натпреварување.

Милан и Барселона ќе се сретнат по трет пат оваа сезона. Во групната фаза на „Камп Ноу" натпреварот заврши со резултатот 2:2, а во Милано, Барселона успеа да победи со 2:3.

Ова ќе биде 14-ти натпревар помеѓу овие два тима. На досегашните 13 дуели, Барселона има 5 победи, Милан 4, а 4 натпревари завршиле без победник.

Тренерот на Милан има големи проблеми околу составувањето на тимот за денешниот натпревар. Столбот на одбраната, Тиаго Силва е повреден, а денешниот натпревар го пропуштаат и Абате, Ван Бомел, Пато, како и Гатузо, Инзаги и Мунтари кои немаат право за настап.

Гвардиола пак нема поголеми проблеми, па освен Виља, Афелај, Фонтас и Абидал кои веќе подолг период не се во составот, нема да може да смета и на Адриано.

На претходните два натпревари беа постигнати вкупно 9 голови, Барселона постигнува по барем 3 гола на последните 5 натпревари, а на последните 4 натпревари на Милан вкупно биле постигнати барем по 3 гола, што значи дека и вечерва ќе очекуваме интересен дуел со повеќе погодоци.

Правдата ќе ја дели најбогатиот судија
Главен судија на натпреварот помеѓу Милан и Барселона е Швеѓанецот Јонас Ериксон кој е најбогат судија на планетава.

Ериксон е поранешен новинар кој минатата година го продаде својот удел во компанија за продажба на ТВ права и заработи 8 милиони евра.

Судењето на овој натпревар ќе му биде еден вид на подарок за неговиот 38. роденден.

28 март 2012 - 11:09