Другарот на Дрогба кој ни крив ни должен се прослави во Лига на шампиони

Фудбалот по којзнае кој пат раѓа нови приказни за чудни ликови. Јунак на вечерта во Лига на шампиони синоќа беше еден тотален анонимус кој удри печат на дебаклот на Дортмунд против Лацио во Рим.

Жан Даниел Акпа-Акпро никогаш претходно не играл во топ клуб, не бил стандарден во репрезентацијата на Брегот на Слонова коска и во Италија го знаеле само локалци во Серија Б.

На 27 години неговата вредност била 600.000 евра, но направи трансфер во Лацио каде навивачите секојдневно се спрдаваа со него а посебно со управата која наводно го донела „новиот Канте“.

Дојде денот кога и него му се посреќи.

РОДЕН ВО ФРАНЦИЈА, ИГРАЛ ЗА БРЕГ НА СЛОНОВА КОСКА САМО ПОРАДИ ДРУГАРСТВОТО СО ДРОГБА

Жан Даниел Акпа-Акпро се родил во Тулуз. Од детство навивал за истоимениот клуб а после почнал и да тренира таму.

Во Тулуз напредувал повеќе од постариот брат кој бил напаѓач кој подоцна залутал во ниските англиски дивизии.

За разлика од брат му, Акпа-Акпро играл на сите позиции во средниот ред. Стигнал до првиот тим на Тулуз каде пет години го шалтале од позиција на позиција.

По извесно време добил државјанство на Брег на Слонова Коска. Во 2014-та првпат го викнале за репрезентација, па дури и отишол на Светско првенство во Бразил (не заигра ни минута). За 6 години има 11 настапи за репрезентацијата.

Во едно интервју за L'Equipe признал дека дружбата со Дидие Дрогба му овозможила да гради кариера.

Акпа-Апро, Дрогба и бекот на Тотенхем Серж Орие се блиски другари. Тие во 2014-та година по Светското отпатувале во Малага и присуствувале на презентацијата на нивниот четврти другар Артур Бока во Малага.

Акпро и Дрогба активно се поддржуваат еден со друг на Инстаграм. Кога Акпро на времето го назначиле за капитен во Тулуз, Дидие објавил негова фотографија со натпис: „Сила и чест, мој капитен. Продолжи добро да управуваш со екипата. И натаму ќе те следам“.

Акпро и Дрогба се нарекуваат брат еден со друг. Така Акпро на Дидие му го честитал роденденот на следниот начин: „Постар брате, фала ти за тоа што многу ми помогна и ми овозможи да сонувам сите овие години. Остани таков каков што си. Ти си крал!“ 

ОД НИГДЕ НИКАДЕ СТИГНА НА ГОЛЕМА СЦЕНА

Во 2017-та година Акпро веќе не му требал ни на Тулуз, а не го барале многу други клубови. Не играл фудбал година дена сè додека не потпишал со Салернитана.

Овој италијански нисколигаш пред неколку години го купи Клаудио Лотито така што вложил 350.000 евра и ја спасил Салернитана од банкрот и гаснење во Серија Д. Лотито од клубот од југот на Италија направи филијала на Лацио. Таму праќаат млади таленти на калење а ги земаат перспективните фудбалери.

Симоне Инзаги, човекот кој веќе неколку години прави чуда со ограничен фонд на играчи, цело лето барал последен играч за врска во среден ред (позиција DMC).

Управата на Лацио, предводена од Лотито и Игли Таре е на удар на навивачите веќе неколку сезони, пред се поради фактот што во екипата доаѓаат само играчи со сомнителни квалитети и тоа на препорака на Албанецот.

Така од Давид Силва за кого лацијалите веќе замислуваа како ќе го храни со топки Чиро Имобиле, спаднаа на трансфер вреден 600.000 евра од втора лига кој седел на клупа на Африкански Куп на Нации и 5 години не заиграл за репрезентацијата.

За парадоксот да биде поголем, на објавата на трансферот на Акпа-Акпро, навивачите се спрдаваа со: „Каква карпеста аквизиција!!! Кога ќе се судриме со големите во Лига на шампиони ќе ни се плашат сите“.

А трансферот очекувано го поздрави некогаш најдобриот шпиц на светот, на својот Инстаграм профил: „Пофалби за истрајнота, брате. Ти си пример за сите кои мислат дека немаат среќа. Смелоста, разумот и верата секогаш водат до успех“.

Акпро дебитираше за Лацио во првото коло од Серија А против Каљари кога го замени Сергеј Милинковиќ-Савиќ. За 20 минути имаше само 7 контакти со топката и 2 пати направил фаул - статистика не баш за А. Ама па затоа низ нозе еднаш му ја протна на Габриеле Ѕапа, ќе се присетат лацијалите.

Симоне Инзаги, како што е редот, го пофали на прес конференцијата после мечот а навивачите беснееа на социјалните мрежи и го викаа Акпро „новиот Канте“.

На вториот меч против Аталанта (1:4), Акпро одново беше дрвце. За 20 минути на теренот имал 11 додавања (8 точни), еден освоен дуел и една изгубена топка.

Ама дека после дождот стигнува сонце, се покажа и на примерот на овој анонимус. Лацио на 20 октомври на „Олимпико“ ја пречека Борусија Дортмунд која допатува со Холанд, Санчо, Ројс и Рејна.

Сјајната форма од лани која што бараат и сезонава, ја пронајдоа синоќа. Убедливи 3-1 со гол на јунакот на приказнава за конечен триумф и 3 големи бода во Лига на шампиони после цели 13 години.

Навивачите на Лацио малку се смирија во реакциите но и натаму пцујат кога ќе им се појави фотографија на Лотито или Таре, творците на „новиот“ изглед со Пепе Рејна, Ведад Мурики и пар анонимуси од Салернитана и Еибар.

За тоа време на Инзаги не му преостанува ништо друго освен да твори нови чуда со сиромашен фонд на фудбалери.