Адеми беше позитивен на тестот на урина после мечот со Арсенал, кој Динамо неочекувано го доби 2:1 во Загреб. Адеми најпрвин беше казнет, а откако и на Б тестот се потврдило дека бил допингуван, доби најстрога можна казна која од терените ќе го одвои дури 4 години.
„Тешко ми е со зборови да опишам како се чувствувам. Не сум крив, знам дека не сторив ништо погрешно, а добив драконска казна. Ужасно се чувствувам, верувајте ми“, изјави вечерва Адеми за Индекс.хр.
Македонскиот репрезентативец ќе се врати на теренот дури на 28 години и ќе ги пропушти најдобрите години за фудбалска кариера. Роден е во мај 1991. година и има 24 години. Фудбалската ренесанса во Динамо ја доживеа под водство на поранешниот тренер Вахид Халилхоџиќ кој го забетонира на позицијата дефанзивен играч за врска.
„Како клуб сме шокирани и мошне непријатно изненадени со ваквиот расплет на настаните. Ќе сториме се што е во наша можност да бидеме со нашиот Адеми на кој му е тешко. Ќе се бориме како што тој се бореше во дресот на нашиот Динамо и сигурни сме дека тоа ќе го прави уште многу пати“, стои во клупското соопштение на Динамо Загреб.
Адеми е роден во Шибеник пред 24 години. Играше за истоимениот клуб во кој дебитираше на 16 години. Од Шибеник премина во најтрофејниот клуб на Хрватска каде стана најмлад капитен во историјата на хрватската лига со 18 години. За репрезентацијата на Хрватска одигра 3 натпревари, но поранешниот селектор на Коцкестите, Нико Ковач не го зема на списокот за Мундијалот во Бразил лани, по што Адеми реши да игра за Македонија.
Во меѓувреме се огласи и тренерот Зоран Мамиќ, кој изјави дека одлуката на УЕФА е скандалозна и неправедна кон малите.
„Ќе се жалиме на спортскиот суд за артбитража во Лозана. Ќе се бориме до последната капка, затоа што Адеми е сјаен дечко, наш заменик капитен и голем борец за овој клуб“, изјави тренерот на Динамо Загреб кој после победата од 2-1 против Славен Белупо, и се приближи на водечката Ријека на само еден бод.
Офф.нет.мк со Адеми направи интервју пред неговото деби за Македонија во октомври минатата година.