Достоен пораз на Македонија во историскиот меч со Португалија

Македонската фудбалска репрезентација загуби 2:0 (1:0) на гостински терен од Португалија во финалето од плејофот за пласман на Светско првенство 2022. Достојна партија против 6. селекција на светот составена од бројни ѕвезди.

По чудото против Италија во Палермо, најдобрите македонски фудбалери немаа сили да го земат скалпот на уште еден гигант.

Вечерва на „Драгао“ во Порто пред повеќе од 50.000 гледачи, Португалија беше подобра за два гола.

Бруно Фернандеш, ѕвездата на Манчестер Јунајтед казни два пропусти на нашите фудбалери и го продолжи континуитетот пласмани на големи натпреварувања на Португалците, а во исто време го урна сонот на Македонија за првпат во историјата да се појави на еден Мундијал.

Од стартот Македонија тргна бескомпромисно, отворено и без страв од ѕвездениот состав предводен од најдобриот играч на светот според многумина.

Имавме еднаков посед на топка, држевме рамнотежа во сите линии од тимот а лесно го пренесувавме тежиштето на игра на противничка половина.

Сепак прва шанса на мечот ја имаше Португалија. Во 14' минута Кристијано Роналдо истрча пред нашиот гол но шутираше со лева крај левата статива на Димитриевски. Веќе во следниот напад по неколку брзи додавања ние стигнавме до голот на Португалија но Трајковски неспретно реагираше и пропушти шанса да направи нешто повеќе.

Се обиде и Алиоски со волеј удар од дваесетина метри но топката отиде над голот. Набрзо имавме и два корнери по ред но португалскиот бедем лесно се справи со центаршутите на Енис Барди.

Во моментите кога одлично париравме и имавме контрола врз ситуацијата, неконтролиран потег на капитенот Ристовски кој непотребно додаде топка кон средината во нога кај Бруно Фернандеш, нè чинеше водство на ривалот.

Бруно и Роналдо во само два потези експресно го искористија подарокот и со голот на Фернандеш Португалија поведе со 1-0 во 32' минута.

На полувреме се замина со тој резултат, 1-0 за домаќинот кој без многу шанси, без иницијатива дојде до предност.

Во вториот дел повторно Португалците се обидуваа да воспостават целосна доминација но одбраната и средниот ред на Македонија беа на пристојно ниво и ги одбиваа сите обиди.

И така беше се до 64' минута кога одново Бруно Фернандеш беше стрелец. Овојпат асистент Диего Жота по акцијата која ја потегна ветеранот Пепе од своја половина.

Во финишот од мечот селекторот Милевски проба со неколку измени да внесе свежина во составот, пробувавме најчесто по левата страна каде кружеа Барди, Елмас и Алиоски но португалските стопери Данило и Пепе просто беа непробојни.

Епизоди за одбележување се и двата спорни моменти пред голот на Португалија кога најпрво Пепе остро одзема една топка од Елмас, а секунди потоа и Миовски беше фаулиран на самата линија од шеснаесетникот но англискиот судија Ентони Тејлор не се огласи.

На крајот конечни 2-0 и достоен пораз на нашите јунаци кои стекнаа богато искуство за претстојните предизвици.

Португалија заслужено оди на Светско првенство за чии групи ждрепката е во петок. Во Катар на Мундијалот ќе оди и Полска која со 2-0 вечерва ја совлада Шведска во финалето од баражот.

Едно е сигурно, селекторот Благоја Милевски има генерација со која допрва ќе може да прави уште поголеми резултати. Мечот со европскиот шампион Италија е доказ за тоа.

Сега ни следува борба за Европско, што носи нов предизвик и повторување на историските резултати.

29 март 2022 - 22:57