Македонија одигра тежок и неизвесен натпревар со многу набој, не поради квалитетот на противникот, туку заради важноста која се потенцираше долго време. Затоа вечерва на Градски немаше убав фудбал за око со течни додавања, туку повеќе грешки на двете страни и обид да се загрози противникот од прекин.
По 15 минути игра во кои момците на Игор Ангеловски беа го грч, стигна рано водство за Македонија откако гостите си постигнаа автогол. Во полуконтра Адеми го најде Ристовски сам по десно, а овој шутираше несмасно, топката го удри Кололи и влезе во гол.
Но и покрај погодокот, нашите репрезентативци не излегоа од притисокот на овој важен натпревар, а тоа Косово го искористи и израмни преку Хадерѓонај во 29 минута по недоразбирањето на Велковски и Димитриевски кои не се договорија кој да ја исфрли веќе освоената топка на работ од шеснаесетникот.
Македонија се мачеше да створи игра, но и покрај тоа на Косово му дозволи да се радува само четири минути. Барди доби слободен од совршена позиција за центар шут од која го најде Велковски кој во 33-та минута повторно го врати водството и се извади за киксот.
Вториот дел од средбата донесе многу позрели шанси од првите 45 минути, а нашата селекција постигна уште два гола кои и беа поништени поради офсајд. Зицер во финишот промаши Трајковски, а потоа и гостите кои ги спречи Столе да нема продолженија.
Сега на Македонија и препостанува уште последната пречка за пласман на ЕП 2021, а тоа финалето против Грузија на гости на 12 ноември, која денеска ја совлада Белорусија со 1:0.