Синоќа, набрзо по тргнувањето на автобусот со играчите и стручниот штаб на Борусија од хотелот кон стадионот, во близина на патот експлодирале три експлозии. Од силината на експлозиите пукнало ветробранското стакло а од парчињата бил повреден шпанскиот стопер Марк Бартра.
Бартра имал посекотини на раката, брзо бил опериран и е во добра состојба. Од Борусија соопштија дека автобусот за среќа била блиндиран (тројно стакло), па се избегнала голема трагедија.
Според германската полиција, се работи за планирани експлозии, но се уште никој не може да потврди дека се работи за терористички напад. Наводно, во близина на локацијата каде имало експлозии полицијата нашла писмо кое зборува за „исламска поврзаност“.
Во писмото се споменувало „Во името на Алах“ и Ангела Меркел која ’била виновна за ракетите кои меѓународната коалиција ги испалува врз Исламската држава“. Како што пишува Zeit Online, на писмото немало никаков симбол на ИСИЛ што е невообичаено. Исто така во писмото немало ниту еден арапски збор и се било пишано на германски.
Германската канцеларка Ангела Меркел зборувала со извршниот директор на Борусија Дортмунд, Ханс-Јоаким Вацке и му се заблагодарила него и на полицијата за прибраноста и смиреноста.
„Нашето семејство Борусија Дортмунд секогаш е силно кога мора да се избори со тешки ситуации. Ова е можеби најтешка во последните неколку децении, но сигурен сум дека ќе бидеме единствени како никогаш претходно. Вечерва нема да играме само за нас, ќе играме за сите. Без разлика дали се работи за Борусија, Баер, Шалке... Сакаме да покажеме дека теророт не може да не победи. Ќе играме и за Марк Бартра кој сака да победиме“, порача главниот човек на Дортмунд.
УЕФА уште синоќа соопшти дека го одложува натпреварот за вечерва од 18:45, а многу навивачи на Дортмунд пратија убава слика низ светот со тоа што нуделе кревет и сместување за гостинските навивачи од Монако.
Фудбалерите на Дортмунд утринава со друг автобус дошле во тренинг центарот Бракел каде одржале тренинг.