Барса сезонава се очекува да биде многу интересна за гледање, ако се суди по засилувањата, a и посилна.
Најдоа начин да не влегуваат во инвестирање на играчи, а сепак доста добро да се засилат во обидот да ја одбранат титулата и евентуално да стигнат и до уште некој трофеј.
Во каталонскиот тим пристигнаа пет фудбалери од кои тројца се двојат според звучноста и остварената кариера во големи клубови. Сумата со која поминаа ова лето за нови фудбалери е смешна. 3,5 милиони евра.
ИЛКАЈ ГУНДОГАН (32) - слободен агент
14 трофеи со Манчестер Сити во седум сезони и над 500 клупски настапи меѓу кои и оние во Борусија Дортмунд, со која исто така имаше успеси.
Па и не треба повеќе да се претставува ова врвно име од средниот ред и една од главните карики во костурот на тимот на Гвардиола кој ја освои тројната круна.
Го најавија како засилување на 26 јуни и тоа без никаква оштета. 32 годишниот Гундоган треба да им биде од голема корист на каталонците.
ЖОАО КАНСЕЛО (29) - позајмица
Бек со педигре кој важи за еден од најдобрите во светот и за кој се тепаат секогаш големи клубови.
За колку големо име се работи кажува самиот прогрес во кариерата. Од Бенфика, Валенсија, Интер до Јувентус, Манчестер Сити и Баерн Минхен.
Ова ќе му биде прилика да стане шампион во петта земја, откако се радуваше во португалското, италијанското, англиското и германското првенство.
Се води како член на Манчестер Сити и по позајмицата во Баерн, повторно ќе игра како позајмен.
ЖОАО ФЕЛИКС (23) - позајмица
Со него на претставувањето се појави и еден многу добро познат сонародник и имењак.
Има титула со Бенфика и Атлетико Мадрид, ама потоа ја утна средината. Само 20 настапи и 4 гола на сите натпреварувања за Челси.
Барса ќе му биде голем предизвик за докажување и враќање на формата.
ИЊИГО МАРТИНЕЗ (32) - слободен агент
На централната бековска позиција го ангажираа искусниот Мартинез, кој доаѓа како стандарден првотимец од Реал Сосиедад и Атлетик Билбао, како и репрезентативец на Шпанија.
Го донесоа без пари, му дадоа договор од две години и откупна клаузула од 400 милиони евра.
Според карактеристиките го споредуваат со Пујол.
ОРИОЛ РОМЕУ (31) - 3,5 милиони евра
Единствениот играч за кој Барселона летово потроши пари е Ориол Ромеу, кој треба да му помага на Гундоган во средниот ред.
Тој всушност се враќа во својот поранешен клуб каде се калеше во академијата, играше за Б тимот, а има и еден настап во првиот тим.
Доаѓа со шаренолико искуство од Челси, Валенсија, Штутгарт, Саутемптон и Жирона.