Како Челси краде фудбалери во 5 до 12

Манчестер Јунајтед беше пред реализација на договорот со Педро Родригез кога Челси чукна на врата кај Шпанецот и им го украде на Ѓаволите буквално пред нос. Не им е прв пат вели историјата.

Џанлука Виали (1996)

Дури и пред ерата на Роман Абрамович, Челси знаеше вешто да грабне фудбалер кој веќе беше пред промоција во друг клуб. Таков беше случајот со еден од најголемите фудбалери кои играле во синиот дрес, Италијанецот Виали кој подоцна стана и тренер на Стемфорд Бриџ. Во летото 1996. година Глазгов Ренџерс го контактирале Виали чијшто договор со Јуве завршил.

Единствен конкурент на Ренџерс им била Парма, но работите драматично се свртеле откако Виали ѝ помогна на Старата дама на патот кон освојувањето на ЛШ во Рим на пенали против Ајакс.
„Виали ми прати писмо во кое ми соопшто дека нема да потпише за Ренџерс. Ми напиша дека му е многу жал, но дека ќе замине во Челси. По освојувањето на ЛШ тој ми кажа дека освоил сè што може да се освои и во Лондон ќе оди поради начинот на живот во овој град“, изјавил тогаш директорот на Глазгов Ренџерс, Дејвид Мареј.
Арјен Робен (2004)

„Олд Трафорд е единственото место каде тој сака да игра и ако не може да игра таму, подобро ќе биде да остане во ПСВ. Всушност, тој попрво би играл во резервите на ПСВ отколку да оди во Челси. Син ми нема да оди во Челси. Само преку мене мртов ќе оди таму", брутален беше таткото на Робен кој уште е жив.

Робен полета за Лондон, за да се сретне со Сер Алекс Фергусон во 2004. година и како и неговиот татко беше воодушевен од тоа што го слушнал. „Ќе биде прекрасно ако заиграм за Манчестер", изјави тогаш 19-годишното крило. За негова жал, ПСВ го имаше конечниот збор и се одлучи да ја прифати понудата на Челси. Робен потпиша со Челси и му помогна да освои две титули по ред.

„Нема да оди во Реал Мадрид. Кога бевме на одмор во Шпанија, тој ми кажа дека ја сака само Барселона", зборуваше подоцна повторно таткото на Робен кој по ова го добил прекарот Нострадамус.

Џон Оби Микел (2006)

Веројатно мајка на сите трансфер заврзлами меѓу Челси и Манчестер Јунајтед. Црвените Ѓаволи веруваа дека сè е средено околу трансферот со Нигериецот, така што дури и извршниот директор Дејвид Жил објави на MUTV (Manchester united TV) дека го пазареле Микел.

Приказната отиде во друга насока, откако беше објавено дека Јунајтед потпишал договор со Микел и норвешкиот клуб Лин Осло, а Челси истовремено се договорил со Микел и неговите агенти. Природно, ниту Лин ниту Јунајтед не беа пресреќни, а Челси тврдеше дека е заслужен што Микел дошол од Нигерија во Европа затоа што две години претходно тренирал со нив на проба.

Кулминацијата била кога Сер Алекс Фергусон се упатил за Норвешка да ја разјасни ситуацијата, а Микел мистериозно го снемало и подоцна тргнал за Лондон каде изјави дека сака да потпише со Челси. На крајот Манчестер се помири и прифати 12 милиони фунти од Челси за да го поништи првичниот договор со Микел. Кутриот Лин Осло доби само 4 милиони фунти.

Флоран Малуда (2007)

Тоа што го направи Фабрегас со девојка му во случајот со Педро, кога го убедувале да дојде во Челси а не во Јунајтед го направи Дрогба со Малуда.

„Ми се јави Бенитез неколку пати. Тој е добар човек, добар тренер, но не се најдовме и не заминав во Ливерпул", изјави тогаш Малуда кој сакал да потпише со Челси.

На Стемфорд Бриџ во тоа време веќе беше Дидие Дрогба, неговиот поранешен соиграч од Генгамп. „Уште од првиот момент кога дојде во Челси тој ме викаше да дојдам.

Челси и Лион не можеа да се договорат околу цената, но по неколку недели Англичаните пратија понуда од 13,5 милиони фунти и Французите прифатија. Бенитез подоцна го тренираше Малуда во Челси, но не му даде многу шанси затоа што ветеранот беше на заоѓање на кариерата.

Николас Анелка (2008)

 

Во јануари 2008. година Манчестер Јунајтед претрпе уште еден пораз од Челси во преодниот рок. Николас Анелка си заминуваше од Болтон и беше на прагот на Јунајтед. Французинот им кажал на луѓето од Болтон дека очекува да потпише со Манчестер.

Само неколку дена подоцна Анелка потпиша договор со Челси вреден 15 милиони фунти. Сепак кој последен се смее најслатко се смее, па така Јунајтед неколку месеци подоцна ја освои Лигата на шампионите во финалето во Москва кога најпрвин Тери се лизна, за Анелка на крај да го промаши клучниот пенал.

По мечот Анелка даде интересна изјава: „Тренерот Аврам Грант ме праша дали сакам да шутирам еден од првите пет пенали. Му кажав дека не сакам затоа што влегов во игра како десен бек и ќе шутирам меѓу последните". Шутна, Ван дер Сар одбрани и Јунајтед го освои големиот пехар.

Хуан Мата (2011)
 
Арсенал беше пред потпис со Шпанецот во 2011 година кога најпрвин ѝ понуди на Валенсија 13, па 18 милиони фунти. На тој начин Мата можеше да стане поскап трансфер од оној на Андреј Аршавин кој изнесуваше 12 милиони фунти и беше рекорден.
 
Сепак, Челси изброи 23,5 милиони фунти на Местаља неколку недели подоцна и Мата стана играч на тимот од Стемфорд Бриџ. Со Челси во 2012 година ја освои Лигата на шампионите против Баерн во Минхен и два пати беше биран за играч на годината пред да замине во Јунајтед за 37,1 милиони фунти минатата година.
 
Вилијан (2013)

Тотенхем беше на неколку часа од објавување рекорден трансфер со Бразилецот во август 2013-та. Мамузите беа спремни да платат 30 милиони фунти а на Вилијан му нудеа 4-годишен договор со 85.000 фунти неделно. Му гарантираа и главна улога во тимот по заминувањето на Герет Бејл во Реал Мадрид.

Тогаш се вмеша Роман Абрамович во последен момент и Челси буквално од медицински прегледи му го украде Вилијан на Тотенхем. Абрамович го искористил пријателството со тогашниот газда на Анжи Махачкала и пратил шофер по Вилијан кој бил во северен Лондон.

„Тоа е опасноста од медицински прегледи пред договорот. Затоа е најдобро да се прават медицински прегледи после потписот", изјави Жозе Мурињо кој го пецна тренерот на Тотнем, Андре Виљаш-Боаш.

24 август 2015 - 13:05