Додека има живот има и надеж, Кротоне тера по тој пат

Месец мај освен за освојувањето на титулите носи жестоки битки и на дното од табелите. Ова е ситуацијата во топ 5 лигите во Европа каде освен во Серија А во сите други првенства остануваат уште две кола до крајот. Најголема неизвесност има во Германија и Франција.

ПРЕМИЕР ЛИГА

По 10 години Сандерленд се враќа во Чемпионшип, а таму најверојатно ќе оди и Мидлсборо кој има речиси невозможна мисија за да се спаси. За тоа ќе треба вечерва да го победи Челси, потоа во последните две кола Саутемптон и Ливерпул и да се надева на некој кикс на Хал.

Најголемата битка за избегнување на третото место кое води во втора лига ќе се води меѓу Свонси и Хал. Првите викендов завршија голема работа откако освоија 3 бода со Тотенхем, а во прилог им одеше неочекуваниот пораз на Хал од испаднатиот Сандерленд. До крајот Хал игра со Кристал Палас и Тотенхем, а Свонси со Сандерленд и ВБА.

16.Кристал Палас 38
17.Свонси 35
18.Хал Сити 34
19.Мидлзброу 28
20.Сандерленд 24

ЛА ЛИГА

Фудбалерите на Леганес вечерва со победа против Бетис кој веќе е спасен можат речиси да ги расчистат дилемите околу опстанокот. Математички Спортинг Хихон има шанси и до крај игра со Еибар и Бетис. Леганес со Атлетик Билбао и Севиља, а Депортиво со Виљареал и Лас Палмас. Гранада и Осасуна следна година ќе бидат второлигаши.

16.Депортиво Ла Коруња 32
17.Леганес 30
18.Спортинг Хихон 27
19.Гранада 20
20.Осасуна 19

БУНДЕСЛИГА

Најголемата неизвесност околу опстанокот се води во Бундеслигата каде дури 6 екипи се во опасност. Дармштат е веќе во втора лига, а во многу тешка позиција е и Инголштат. Третиот тим од доле нагоре ќе игра плејоф. Директните дуели Хамбург – Мајнц и Хамбург – Волфсбург веројатно ќе решат се.

12.Баер Леверкузен 37
13.Аугсбург 36
14.Волфсбург 36
15.Мајнц 34
16.Хамбург 34
17.Инголштат 30
18.Дармштат 24

ЛИГА 1

Слична е ситуацијата и во француското првенство со таа разлика што и последниот на табела е со теоретски шанси за опстанок. Во следно коло се играат два директни дуели: Дижон – Нанси и Бастија – Лориент, а Каен игра со Рен. Во последно коло: ПСЖ – Каен, Лориент – Бордо, Тулуз – Дижон, Нанси – Сент Етјен и Марсеј – Бастија. И тука како во Бундес позицијата каде во моментов е Дижон носи во плеј оф.

16.Каен 36
17.Лориент 35
18.Дижон 33
19.Нанси 32
20.Бастија 31

СЕРИЈА А

По поразот од Фиорентина на 19 март, фудбалерите на Кротоне не знаат за пораз и упорно им водат инат на Емполи и Џенова дека ништо не е готово. Од тогаш се во серија од четири победи и две нерешени средби, а ако се спасат ќе бидат вистински јунаци. До крајот имаат најтежок распоред и играат со Удинезе дома, со Јуве на гости и со Лацио дома. Емполи има полесен распоред и игра со Каљари, Аталанта и Палермо, а Џенова со Палермо, Торино и Рома. Несторовски и Трајковски од викендов и официјално се второлигаши.

16.Џенова 33
17.Емполи 32
18.Кротоне 28
19.Палермо 20
20.Пескара 14