Добро има ли компас овој Арсенал?

Тоа што во Серија А сезонава е Милан, кај Англичаните дефинитивно е Арсенал. До толку да не се немало победнички дух во оваа екипа, тоа е чудо невидено. Па не можат да излезат на крај со екипи како Норич, Брајтон и Борнмут, кои се борат за опстанок.

Ако отворите табела во Премиер лига ќе го видите Ливерпул убедливо прв, па после него изненадувањето Лестер, трет Манчестер Сити, четврти Челси, па следуваат Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Вулверхемптон, Шефилд Јунајтед, Кристал Палас, Евертон....

Арсенал го нема не само во зона на Европа, туку ниту во првиот дел од табела. А како ќе го има, кога не може никако да победи, ама сериозно. Синоќа имаше водство од 1:0 во лондонското дерби до 83-та минута и на крај загуби.

Опта денеска излезе со податок кој вели дека ваква лоша серија на домашен терен Топџиите немале 60 години.

Овие четири порази по ред пред своја публика им се од Ајнтрахт Франкфурт, Брајтон, Манчестер Сити и синоќа од Челси. Кога им се случило истово во сезоната 1959/1960 загубиле од Вест Хем, ВБА, Барнли и Лутон и завршиле на 13-та позиција.

Сега се 12-ти и имаат 24 бода, исто колку Барнли кој замислете има две победи повеќе. Скорот на Арсенал е очаен. Имаат само 5 победи на 20 меча, остатокот им е 6 порази и 9 нерешени. На 6 бода се до зоната за испаѓање и 11 до четврто место кои води во ЛШ.

Откако се поздравија со Емери, на 20 декември за нов тренер го назначија нивниот поранешен играч Микел Артера кој од 2011-та до 2016-та беше дел од средниот ред на Арсенал, а потоа му стана асистент на Гвардиола. Дебитираше со 1:1 против Борнмут изминатиот вторник.

Последниве два месеци за Лондончани е чуден и несфатлив кога ќе им ги видите резултатите. Замислете од 27 октомври до сега имаат само една и единствена победа на сите натпревари. ЕДНА. Тоа е со Вест Хем на гости. Останатото им е да ги жали човек.

Новата година ја стартуваа со големото дерби против Манчестер Јунајтед. Нема дочек за вас дечки.

30 декември 2019 - 12:55